Топ
Кај гостиварец пронајдена исчезната малолетничка од Скопје

Полициски службеници на СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар, вчеравечер, околу 21.40 часот, во домот на 21-годишен гостиварец ја пронашле малолетничката што претходно била пријавена за оддалечена од дома во Полициската станица Бит-пазар во Скопје, извести СВР Тетово.
Таа им била предадена на најблиските, велат од СВР Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Имало три нови обиди за палење на „Дрисла“, Ангелов најави засилено обезбедување, полицијата разговара со вработените

Криминалистичката полиција разговара со вработените за можни потпалувачи, чадењето сè уште активно.
Криминалистичката полиција денеска разговара со вработени во ЈП „Дрисла“ за да ги утврди причините за пожарот, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
„Припадниците на криминалистичката полиција ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот“,рече Ангелов.
Тој посочи дека чадењето е намалено, но сè уште активно, појаснувајќи дека станува збор за чадење, а не за горење.
Видлив оган на депонијата нема, рече Ангелов, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата.
Ангелов откри и дека имало најмалку три обиди за ново палење. Побара засилено полициско присуство и дополнителни методи на набљудување, бидејќи дел од депонијата е необезбеден и лесно достапен.
Од „Дрисла“ апелираа до МВР да ги пронајде и санкционира потпалувачите.
Македонија
Собранието ја усвои Декларацијата за фер, слободни и демократски избори

Собранието на денешната пленарна седница ја усвои Декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите на општините и за градоначалници на општините и на Градот Скопје. Оваа декларација е прва од ваков вид што се усвојува во Собранието.
Со овој историски чин, Собранието ја реафирмира својота непартиска сплотеност и посветеноста за гарантирање на демократските и европските стандарди во изборниот процес, нудејќи целосна поддршка на одговорните институции, независното набљудување и мирната и рамноправна изборна кампања.
Декларацијата ја нагласува важноста на почитувањето на законот, основните права и слободи, како и осудата на говорот на омраза, насилството, корупцијата и злоупотребата на државните ресурси. Исто така, се потенцира значењето на политичката толеранција и меѓусебното почитување меѓу различните политички опции, како и улогата на медиумите во обезбедувањето позитивна атмосфера на изборниот процес преку еднакво промовирање на кандидатите, нивните идеи и платформи.
Собранието, како претставник на граѓаните и чувар на сплотеноста, испраќа порака дека изборите на 19 октомври треба да бидат доказ за политичката зрелост и за демократското функционирање на нашето општество и институции.
Свет
Трамп: Губам трпение со Путин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека му снемува трпение со рускиот лидер Владимир Путин поради неговиот неуспех да ја заврши војната во Украина.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп потсети дека имал добар однос со Путин, но нагласи дека ситуацијата станува сè понеприфатлива.
Како можни мерки ги наведе санкциите кон руските банки и нафтената индустрија, додавајќи дека за тоа е потребно и учество на европските држави. Притоа истакна дека веќе презел сериозни чекори – меѓу нив и воведувањето педесетпроцентни царини на извозот од Индија, земја која е еден од најголемите купувачи на руска нафта.