Црна хроника
Кривична пријава за полицајците што дозволиле албански државјани да побегнат во Косово иако биле на стоп-листата
Мерка притвор во траење од 8 дена му е одредена на полицаец од ГП Долно Блаце, а на негов колега со решение на судот му е одземена патната исправа откога биле осомничени за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба.
Имено, на 14.12.2022 година, на ГП Долно Блаце, при обид на три лица да влезат со ПМВ, марка „мерцедес“, во Македонија, второосомничениот, полициски службеник во кабина, утврдил дека за двајцата албански државјани во електронскиот систем се појавува мерката „задржи и извести“. Постапувајќи во согласност со протоколите во вакви случаи, за да продолжи со работа во системот, второосомничениот го информирал дежурниот полициски службеник и на патниците од возилото им наредил да се паркираат на страна, а третото лице – возачот на возилото и ПМВ воопшто не ги внесува во системот за регистрирање влез во државата.
Првоосомничениот, раководител на смена, двајцата албански државјани, кои на стоп-листата бидејќи поседувале македонски патни исправи со украден идентитет, ги сместил во својата канцеларија, а третиот го испратил наводно по храна во Косово, без притоа да го евидентира во системот за излез од државата. По одредено време, возачот, по претходен договор со првоосомничениот, се вратил на граничниот премин и непречено ги зел задржаните лица, па заедно побегнале кон Косово, без притоа да бидат забележани од пограничните служби.
Постапувајќи по поднесена кривична пријава, надлежен обвинител од Одделението за истражување и гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, презеде истражни дејства против двајцата полициски службеници поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, соопшти полицијата.
Обвинителството, како што информираат, продолжува да истражува инволвираност и на други лица во кривично-правниот настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Нападнат вработен на наплатна рампа „Петровец“: напаѓачот ја скршил рампата и побегнал
Утрово во 01:02 часот во СВР Скопје е пријавено дека на наплатна рампа „Петровец“ во Скопје, вработениот Н.А.(45) бил физички нападнат од едно лице, кое употребило стаклен предмет и му нанелo повреди, по што со возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки ја скршило рампата и заминало.
Полицијата соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Загина маж од Паланечко: изгубил контрола и паднал од мопед
Вчера во 11:00 часот во ОВР Крива Паланка е пријавено дека на локалниот пат во с.Дурачка Река, кривопаланечко, кај место викано „Мушкаричина бавча“, 83-годишниот К.М. од с.Кошари, кривопаланечко, управувајќи мопед „томос“, изгубил контрола и паднал на коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Здравствен дом Крива Паланка, по што бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, каде што подоцна починал.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на Судска медицина за обдукција, а увид извршила увидна екипа на ОВР Крива Паланка.
Црна хроника
Возел со 188 килoметри на час на место каде е дозволено 100: уапсен маж од Охридско
Вчера во 16:20 часот на магистралниот пат Кичево–Охрид, кај селото Ново Село, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода Б.Л.(29) од селото Мешеишта, општина Дебарца, со престој во Германија.
При контрола со радар е констатирано дека управувал патничко возило „ауди“ со германски национални ознаки со брзина од 188 километри на час на место, каде максимално дозволена брзина е ограничена на 100 километри на час.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.

