Црна хроника
Кривична пријава против струмичанец за недозволена трговија со културни добра
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денеска до Основно јавно обвинителство Струмица поднел кривична пријава против лицето Б.Б.(39) од Струмица, за сторено кривично дело присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости по чл.265 од Кривичниот законик.
Имено, поради сознание дека Б.Б. поседува археолошки предмети – стари монети и други добра под привремена заштита, на 1.7.2022 година, од страна на ОСОСК во координација со СВР Струмица при извршен преглед на сопрено патничко возило управувано од него, биле пронајдени и одземени вкупно 276 стари монети во различна форма и големина, 10 метални предмети во форма на прстен со различна големина, метален приврзок, четири метални предмети во различни форми и големини, по што лицето е приведено во полициска станица.
При извршениот службен разговор со него, тој изјавил дека монетите и другите предмети ги нашол на локација во струмичко село пред околу една година, а потоа со метал детектор и на други разни локации наоѓал и собирал монети и други артефакти, по што тој во СВР Струмица доброволно го предал детекторот за метали и друг рачен алат.
Од страна на ОСОСК до ОЈО Струмица е доставено известување, со барање до ОЈО Струмица да издаде наредби за вештачење на пронајдените археолошки предмети, а по издадените наредби, одземените предмети на 12.7.2022 се предадени на НУ Археолошкиот музеј на РСМ и на вештото лице вработено во истиот.
Според наодот на Комисијата за давање стручно мислење за археолошки предмети во НУ Археолошки музеј на РСМ, десетте метални предмети пронајдени кај Б.Б. претставуваат оригинали и спаѓаат во сферата на културното наследство, а по завршената стручна идентификација на нумизматичкиот материјал, од вкупно 276 монети, 275 претставуваат културно наследство т.е. добро под привремена заштита и како такви имаат своја историска и археолошка вредност, за што до ОЈО Струмица е доставен соодветен извештај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа: кривична пријава за охриѓанка
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Р.(40) од охридското село Велгошти.
Таа се сомничи за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.
Имено на катастарска парцела во државна сопственост во атар на истото село, таа без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа. Врз основа на констатираната состојба, овластен градежен инспектор изготвил решение за нивно отстранување.

