Црна хроника
Кривична пријава против три лица од Радовишко за повеќе кривични дела во врска со бесправна сеча на дрва
Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе кривична пријава против Е. Г. (35) и С. И. (41), двајцата од село Бучим, Радовишко, и Ј. В. (62) од село Лубница, општина Конче, поради основано сомнение дека Е. Г. сторил кривични дела пустошење шума, фалсификување знаци за обележување стоки, мери и тегови и кривично дело вршење јавен превоз без поседување лиценца, дека С. И. сторил кривично дело помагање во врска со кривично дело пустошење шума, а Ј. В. сторил кривично дело несовесно работење во службата.
Е. Г. и С. И., со цел да прикријат пустошење шума на државни парцели, се договориле С. И. да склучи договор со Н. Д. од Радовиш, сопственик на приватни шуми на местото наречено Горна Враштица, атар на селото Дамјан, Радовишко, за сеча и продажба на огревни стебла од парцели на Н. Д., кои граничат со државните парцели. По склучувањето на договорот, Е. Г. во име на Н. Д. поднел барање за одобрение за сеча, при што од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Плачковица“ – Радовиш му се издадени одобренија за сеча во катастарските парцели на Н. Д..
Потоа, во периодот од јули до септември 2023 година Е. Г. во 10 катастарски парцели, сопственост на Република Северна Македонија, извршил бесправна сеча на 78,07 кубни метри дабово огревно дрво, со што ѝ нанел штета од 642.859 денари на Република Северна Македонија. Некои од бесправно исечените дрва ги обележал со жиг, кој по карактеристиките не одговара на формата и назнаките на оригиналниот. При транспортот на дрвата полициски службеници од ОВР Радовиш го запреле товарното возило „фиат“, со радовишки регистарски ознаки, управувано од Е. Г., при што било констатирано дека врши превоз без да поседува лиценца.
Третопријавениот Ј. В. при вршењето на овластувањата на работното место референт за сеча, дотур и превоз за приватни шуми, несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и изготвувал испратници за превоз на огревно дрво на име на првопријавениот Е. Г. и покрај тоа што одобренијата за сеча биле издадени на име на Н. Д. На овој начин му овозможил на Е. Г. да изврши сеча на вкупно 155,15 кубни метри дабово огревно дрво, со што стекнал противправна имотна корист од 652.405 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Вработен во фабрика за медицински канабис во Охрид фатен со дрога
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.П.(42) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.
Според информациите на МВР, при излез од фабрика за производство на медицински канабис во Охрид, полициски службеници извршиле преглед на пријавениот, при што кај него бил пронајден и одземен хашиш.
Црна хроника
Ограбено финансиско друштво во Гази Баба, разбојникот ја скршил влезната врата
Разбојник ја скршил влезната врата на финансиско друштво во Скопје, влегол внатре и украл пари.
Вчера околу 05:00 часот во СВР Скопје е пријавено дека во периодот од 19:00 часот на 09.02.2026 до 04:40 часот на 10.02.2026 со употреба на сила и подесен алат е скршено стакло од влезна врата на објект на финансиско друштво на подрачјето на Гази Баба во Скопје, по што е влезено внатре и се одземени пари.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Возач удри жена на улица во Скопје и побегна, МВР го пронајде
Вчера нешто пред 17 часот, на улицата Његошева во Скопје се случи сообраќајна несреќа во која 69-годишната В.Д. заврши со телесни повреди.
Возилото што ја удрило било „рено“ со скопски регистарски таблички, а зад воланот бил 46-годишниот А.С. Наместо да застане и да ѝ помогне, возачот – според пријавата во СВР Скопје – побегнал од местото на настанот.
Повредената жена била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што лекарите ѝ констатирале телесни повреди. Полицијата веднаш презела мерки за лоцирање на возачот, кој бил пронајден и со него бил извршен службен разговор.
Според информациите од СВР Скопје, за случајот е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

