Црна хроника
Кривична пријава против шест вработени во ЈП „Национални Шуми“: со несовесно работење нанеле штета на буџетот на претпријатието од над 170.000 евра
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против И.Т.(30) од Демир Хисар, И.Р.(59) од с.Кутретино, демирхисарско, Б.Ј.(60) од с.Слоештица, демирхисарско и С.У.(50) од Демир Хисар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и против А.Ш.(31) од с.Смилево, демирхисарско и М.Ѓ.(46) од с.Загорче, демирхисарско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Првопријавениот И.Т., вработен во ЈП „Национални Шуми“ како раководител на Подружница „Бигла“ – Демир Хисар, во текот на 2023 и 2024 година несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, односно посредно преку својата шумо-чуварска служба не извршил теренска контрола во атарот на с.Прибилци каде што бил утврден кусок од 343 кубни метри дрвна маса, која била посечена, но не и евидентирана во сметководствената евиденција на подружницата. На тој начин нанел штета на јавното претпријатие во износ од 2.401.000 денари или 39.040 евра. Исто така, со неизвршување на теренска контрола во реонот на Шумско стопанска единица ,,Илинска планина’’, бил утврден кусок од 954 кубни метри дрвна маса, која била посечена, но не евидентирана во сметководствената евиденција на подружницата и на ЈП „Национални Шуми“ првопријавениот нанел штета во износ од 6.678.000 денари или 108.585 евра. Во Шумско стопанска единица ,,Пречиста’’ бил евидентиран кусок на дрвни сортименти во количина од 83.30 кубни метри со што првопријавениот на ЈП „Национални Шуми“ нанел штета во износ од 583.100 денари или 9.481 евра. Додека, во Шумско стопанска единица ,,Јаворец’’ бил евидентиран кусок на дрвни сортимани во количина од 123,80 кубни метри со што првопријавениот на јавното претпријатие му нанел штета во износ од 866.600 денари или 14.091 евра. Според таблицата за пресметка на штета, посечени биле вкупно 1.504 кубни метри, при што на ЈП „Национални Шуми“ му била нанесена вкупна штета во износ од 10.528.000 денари или 171.186 евра.
Второпријавениот И.Р., во текот на 2023 и 2024 година, како раководител на шумо-чуварска служба во Подружница „Бигла“, заедно со трето и четвртопријавениот, шумо-чувари во подружницата, не извршиле теренски надзор, односно не ја извршувале примарната задача да ја чуваат шумата во државна сопственост и на тој начин дозволиле на локациите да биде посечена дрвната маса и на претпријатието да му биде нанесена штетата.
Петтопријавениот А.Ш., референт за превоз во подружницата, во текот на 2023 година се задолжил со приемница за сеча и приемница за дотур на 185,5 кубни метри огревно дрво, а по извршената испорака, во 2024 година од страна на пописната комисија бил констатиран кусок од 83.3 кубни метри и на тој начин била нанесена штета на јавното претпријатие.
Шестопријавениот М.Ѓ., референт за сеча и дотур, во текот на 2023 година се задолжил со приемница за сеча и приемница за дотур на вкупно 604 кубни метри огревно дрво, а по извршената испорака во 2024 година од пописната комисија бил констатиран кусок од 155,3 кубни метри огревно дрво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пиштол и куршуми пронајдени кај жител на Зајас: поднесена кривична пријава
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Ф.З.(82) од селото Зајас, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
Имено, на 18.08.2025, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот во селото Зајас, при што биле пронајдени и одземени пиштол со калибар 9 мм и 38 куршуми со калибар 9 милиметри.
Црна хроника
Охриѓанец претепал 34-годишна жена и нејзиниот малолетен син
Синоќа во Охрид во 17:37 часот, на улица „7 Ноември“ Ф.И(38) физички ја нападнал Н.Н.(34) и нејзиниот малолетен син, сите од Охрид.
Полицијата информира дека по целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Починат охриѓанец пронајден во помошна просторија од куќа
Вчера во 13:51 часот во СВР Охрид е пријавено дека во помошна просторија од куќа на улица „Јане Сандански“ во Охрид бил пронајден починат И.А.(75) од Охрид.
Смрт без траги на насилство, констатирал лекар од Итната медицинска помош во Охрид а увид на местото извршија полициски екипи и јавен обвинител по чија наредба, телото е предадено на обдукција, соопшти полицијата.

