Топ
Кривична против инвеститорот и четири лица од Општина Струга: со несовесно извршување на службената должност придонеле да биде оштетена спомен-куќата музеј „Владо Малески“
ОВР Струга поднесе кривична пријава против Н. К. (53) од струшкото село Велешта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело оштетување или уништување добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, против В. Н. (62) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата, како и против Р. М. (68), Н. Н. (56) и Ѓ. Д. (59), сите од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
На 15.10.2025 како инвеститор, спротивно на решението за издавање заштитно конзерваторски услови, првопријавениот на катарстарска парцела во Струга со градежна механизација срушил стара струшка куќа и при правење ископ ги поткопал темелите од јужниот ѕид на соседната спомен-куќата музеј на Владо Малески, која од 2017 година претставува споменик заштитен како значајно културно наследство. Второпријавената, во својство на архитект – конзерватор во националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид“, на основниот проект за семејна куќа втиснала службен печат и ставила потпис и одобрила мислење за усогласеност со идеен проект со што свесно постапила спротивно на Законот за заштита на културното наследство, спротивно на планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и спротивно на решението за издавање на заштитно конзерваторски услови, издадено од Министерство за култура – Управата за заштита на културно наследство.
Третопријавениот, во својство на градоначалник на Струга, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги овластувањата, спротивно на актите од Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и решението од Управата за културно наследство, потпишал одобрение за градење на семејната куќа од првопријавениот. Четвртопријавениот, како раководител на Одделението за урбанизам во Општина Струга, со пречекорување на службената положба го изготвил одобрението за градење, а го одобрил петтопријавениот како помошник раководител на Секторот за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животна средина во Општина Струга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.

