Црна хроника
Муниција и дрога пронајдени во дом во Ѓорче Петров
Скопското обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и неовластено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 25-годишен скопјанец, во неговиот дом во Ѓорче Петров неовластено заради продажба држел опојна дрога марихуана со вкупна нето-маса од 129,51 грама. При претресот била пронајдена и една дигитална вага, како и остатоци од амфетамин и кокаин.
Овластените полициски службеници во неговиот дом пронашле и одзеле и 15 куршуми кои се изведени со оловен проектил со калибар 22LR, како и еден куршум со калибар 7,65 мм.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и на можност осомничениот да го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд достави и предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Пронајдена дрога во тетовско, уапсени две лица
Вчера во 23:30 часот во с.Боговиње, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Камењане ги лишија од слобода Б.А.(20) и Ф.А(20) двајцата од с.Боговиње.
При преглед на патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, во кое се превезувале, била пронајдена и одземена марихуана.
По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсени двајца малолетници од Скопје, не застанале на полициска патрола, со мотоцикл удриле полицаец
Ноќеска во 00:45 часот во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода и приведоа двајца 16-годишници од Скопје.
При вршење службени дејствија, околу 00:10 часот на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје, полициски службеници забележале мотоцикл без регистарски ознаки, кој го управувал еден од малолетниците, но тој не застанал на знак за запирање, по што со мотоциклот удрил во еден полициски службеник и му нанел повреди.
Набргу, по преземени мерки мотоциклот е запрен и тие се фатени, при што малолетниот сопатник агресивно се однесувал кон полициските службеници.
По целосно документирање на случајот, против двајцата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Топ
Работник од Дебар загина по несреќа на градилиште, починал на пат кон болница
Работник од Дебар го загуби животот по несреќа на градилиште што се случила вчера претпладне.
Како што било пријавено во ОВР Дебар околу 11:35 часот од Итната медицинска помош, 40-годишниот С.К. од Дебар починал на пат кон болницата во градот. Според информациите, околу 11:15 часот тој паднал од зграда во изградба на улицата „Братство единство“ во Дебар, каде што бил ангажиран на работа.
По несреќата, повредениот бил пренесуван кон болницата, но им подлегнал на повредите за време на транспортот.
На местото на настанот излегле трудов инспектор и јавен обвинител, а по нивна наредба телото на починатиот е предадено на обдукција. Увид на локацијата извршила екипа од ОВР Дебар.

