Топ
Нападнат вработен на Kомплексот клиники „Мајка Тереза“

Вчера во полициската станица бил пријавен физички напад што се случил на Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Случајот го пријавил 61-годишен кумановец со иницијали Ж.Ј. кој пред полициските службеници кажал дека околу 10.20 часот, додека извршувал службени задачи на скопската клиника, физички бил нападнат од едно лице.
МВР во дневниот билтен наведе дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Волстрит журнал“: Трамп со цртеж од гола жена и порака за „прекрасна тајна“ му го честитал роденденот на Епштајн

„Волстрит журнал“ денес објави дека името на Доналд Трамп се појавило на лична порака до Џефри Епштајн од 2003 година, на која американскиот претседател одговорил дека е лажна.
Весникот пишува дека писмото е едно од неколкуте во албум со кожен повез посветен на прославата на 50-тиот роденден на Епштајн, околу три години пред да се појават обвинувањата за сексуална злоупотреба против финансиерот.
Трамп брзо одговори на објавата на неговата платформа „Тру соушал“, велејќи дека ќе ги тужи весникот и Руперт Мардок, кој го контролира неговиот издавач, „Њуз корп“.
„Волстрит журнал и Руперт Мардок беа лично предупредени директно од претседателот Доналд Џ. Трамп дека наводното писмо е лажно и дека ако го објават, ќе бидат тужени“, напиша Трамп.
„Никогаш во животот не сум нацртал слика“, објави Трамп, а потоа додаде: „Тоа не е мој јазик. Тоа не се мои зборови“. Недолго потоа, корисниците на социјалните мрежи се сетија дека во 2005 година, Трамп нацртал цртеж од хоризонтот на Њујорк за хуманитарна аукција. Цртежот бил повторно продаден во 2017 година за 30.000 долари.
Портпаролот на „Волстрит журнал“ и нејзината матична компанија, одби да коментира за нивната приказна и заканата на Трамп за тужба.
Весникот објави дека писмото, на кое го пишувало името на Трамп, содржело неколку реда текст врамени со контура на гола жена, која изгледала како рачно нацртана со дебел маркер. Весникот објави дека писмото завршува со „Среќен роденден – и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“ и е потпишано со „Доналд“.
Потпретседателот Џ.Д. Венс одговори на сторијата на платформата „Икс“ велејќи: „Извинете за мојот јазик, но оваа сторија е целосна и апсолутна глупост. Волстрит журнал треба да се срами од себе што ја објави“. Други влијателни личности од американската десница, кои досега инсистираа на транспарентност во врска со случајот на Епштајн, застанаа во одбрана на претседателот. Сега тие изјавија дека не веруваат во сторијата.
Според информациите од „Волстрит журнал“, писмото со потпис на Трамп било дел од албум составен за 50-тиот роденден на Епштајн од Гислен Максвел, негова блиска соработничка, која подоцна била осудена за трговија со деца за сексуална злоупотреба поврзана со Епштајн. Максвел наводно ги собрала писмата.
Тој албум бил меѓу документите што години подоцна ги прегледало Министерството за правда на САД за време на истрагата за Епштајн, пишува весникот.
Трамп бил постојано фотографиран со Епштајн во текот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите, а неговото име се појавува во дневниците за летови на приватниот авион на Епштајн. Но, Трамп тврди дека го прекинале контактот пред Епштајн да се изјасни за виновен во 2008 година за подведување малолетници. Тој додаде дека не разговарале најмалку 15 години пред повторното апсење на Епштајн во 2019 година.
Вчера беше објавено дека администрацијата на американскиот претседател ќе побара од судот да дозволи објавување на транскриптите од големата порота во случајот на починатиот Епштајн. Соопштението доаѓа откако некои поддржувачи на Трамп реагираа жестоко на извештајот во кој се заклучува дека нема докази што би ги поткрепиле некои долгогодишни теории за случајот на Епштајн.
Министерството за правда и ФБИ минатата недела изјавија дека нема докази дека Епштајн, обвинет за подведување малолетни девојчиња, наводно на моќни и познати поединци, имал „листа на клиенти“ или уценувал моќни и влијателни личности.
Тие исто така го отфрлија тврдењето дека Епштајн бил убиен во затвор, потврдувајќи дека извршил самоубиство со бесење. Додадоа дека повеќе немаат намера да објавуваат информации за истрагата.
„Врз основа на смешниот обем на публицитет што му беше даден на Џефри Епштајн, ја замолив државната обвинителка Пам Бонди да ги обезбеди сите релевантни сведочења од големата порота, под услов судот да одобри. Оваа измама, извршена од демократите, треба веднаш да престане!“, напиша Трамп на својата платформа „Тру соушал“.
Кратко по изјавата на Трамп, Бонди изјави на „Икс“ дека Министерството за правда е подготвено денес да побара од судот да ги објави тие транскрипти. Бонди неколку месеци претходно најави објавување на големи откритија за Епштајн, вклучувајќи „многу имиња“ и „многу записи за летови“.
Македонија
(Видео) Пожар го зафати покривот на црквата кај селото Мршевци, вели Ангелов

Денес попладне во близина на скопското село Мршевци, Општина Илинден изби силен пожар, кој поради ветерот брзо се прошири на околината, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Според него пожарот се проширил кон селото Бујковци, но и во насока на индустриската зона „Бунарџик“.
„Поради густиот чад, автопатот Скопје-Куманово имаше намалена видливост и дојде до сообраќајна несреќа поради што патот се уште е затворен. Поради силниот ветер „ер тракторите“ и хеликоптерите на полицијата и АРМ кои се во непосредна близина но не можат да полетаат“, изјави Ангелов.
Како што појасни, на местото на настанот се скопската противпожарна бригада со поддршка на ресурси од касарната „Ѓорче Петров“ и од Кавадрци, како и „БТР“ и „Хермелини“ на ДЗС.
Локалното население е излезено на терен за да си ги одбрани своите домови од пламените јазици, а присутна е и тешка механизација со која се прават противпожарни препреки за да се заштитат околните објекти.
„Според информациите со кои расплагам, за жал, на црквата во близина на Мршевци делумно е зафатен покривот, а други штети се уште не се пријавени.
Во моментот кога ветерот ќе намали, ќе полетат ер тракторите на дирекцијата и на армијата“, нагласи Ангелов.
Македонија
„Лажни тврдења и политички инсинуации“, вели Тошковски откако опозицијата оцени дека сака да ја партизира полицијата

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку својот Фејсбук профил ги демантираше тврдењата на опозицијата во врска со предложените измени на Законот за полиција, оценувајќи ги како тенденциозни и правно неосновани.
„Во врска со лажните тврдења и политички инсинуации што денеска ги пласираше опозицијата околу предложените измени на Законот за полиција, сакам јавно и децидно да укажам дека станува збор за тенденциозно извртување на фактите со цел политичко профитирање, без елементарно познавање на суштината и логиката на предложените решенија“, реагира Тошковски.
Како што појаснува, Предлог-законот не само што „не ја отвора вратата за политички распоредувања и унапредувања, туку напротив по првпат воспоставува јасни, недвосмислени и објективни механизми за професионален развој и селекција на раководен кадар во МВР“.
Спротивно на тврдењата на опозицијата, вели Тошковски, законски е невозможно лице без работен стаж да стане началник на Сектор за внатрешни работи.
„Член 63 став 1 од Предлог-законот за внатрешни работи јасно пропишува дека лице без стаж може да биде распоредено само на најниското по хиерархија работно место во категоријата „извршители“, конкретно на позицијата „помлад“. Дури и во случај кога лицето има претходно работно искуство, но не во својата стручна област, според став 2 од истиот член, повторно е предвидено распоредување само на најниското работно место, што досега не беше случај и бевме сведоци на ситуации каде лица со несоодветно искуство беа директно поставувани на високи позиции во МВР.
Во новиот систем на кариера има само пет позиции во категоријата „извршители“, а преминувањето од едно на друго работно место е ограничено, односно дозволено е скокање максимум две позиции нагоре, што е построга рамка од постојниот закон каде се три позиции. Хиерархијата е прецизно поставена, без простор за произволни толкувања, а дополнително за првпат се предвидува и носење на Листа на сродни области и работи, со што се гарантира прегледност и правична мобилност во системот.
Она што е особено важно е фактот дека за првпат за да се унапреди некое лице во категоријата „раководни работници“, мора задолжително да има завршена обука и положен тест за раководење, услов пропишан во член 104 од Предлог-законот. Овој тест е со елиминаторен карактер и ќе овозможи вистинска селекција според капацитет, а не според политичка волја.
Понатаму, Актот за систематизација веќе го содржи принципот на градација кој подразбира дека за секое повисоко раководно место се бара поголемо работно искуство, согласно хиерархиската поставеност. Без исполнети услови, ниту еден вработен не може да биде унапреден на раководна позиција. Затоа повторувам, тезата дека лица без работен стаж ќе стануваат началници е целосно неточна и правно неоснована.
Во делот за избор на директор на Бирото за јавна безбедност, наместо попуштање се воведува построг критериум. За првпат, во законот јасно се пропишува дека кандидатот мора да има најмалку 12 години работно искуство исклучиво во областа на полициските работи, со што се гарантира дека на оваа клучна функција може да биде назначен само човек со длабоко професионално искуство во полицијата.
Во однос на воведувањето функција заменик-директор на Бирото за јавна безбедност, се работи за системско решение со јасна и рационална цел за обезбедување континуитет во раководењето и непречено функционирање на институцијата во ситуации кога директорот е отсутен или спречен да ја извршува својата функција. Ова не е политичко назначување, ниту дуплирање на овластувања туку воспоставување на здрав и ефикасен управувачки механизам, кој е вообичаена пракса и во други комплексни институции. Во услови на зголемени предизвици за јавната безбедност, важно е да се обезбеди институционална стабилност.
За секоја сериозна правна анализа, елементарен пристап е законот да се чита како целина, а не преку изолирано вадење на поединечни одредби. Правната норма не се чита изолирано, туку во контекст на целиот закон и неговата нормативна структура. Искрено зачудува како некој се обидува да извлече конечни правни заклучоци од еден член, без да ја согледа системската поставеност, меѓусебната поврзаност на нормите и суштинската логика на законското уредување. Таквиот пристап не само што е правно неточен, туку неминовно води кон погрешни, а често и манипулативни интерпретации“.
Апелира до опозицијата да престане како што вели, со свесно ширење на невистини и да се издигне над дневно-политичките калкулации кога станува збор за безбедносниот систем на државата.
Министерството за внатрешни работи, нагласува Тошковски, ќе продолжи да гради систем што ќе биде функционален, правичен и отпорен на партиски влијанија, токму онака како што и очекуваат граѓаните.
Од опозициската СДСМ пак денеска истакнаа дека Тошковски сака да ја партизира полицијата, и отвора врати за масовно вработување.