Црна хроника
Насилници претепале стружанец во Старата чаршија
Тројца насилници, од кои едниот малолетен, претепале стружанец во Старата чаршија.
Според информациите на обвинителството, на 21 јуни тројцата извршиле грубо насилство врз еден оштетен во Старата чаршија во Струга.
Инцидентот започнал како вербална расправија меѓу оштетениот и обвинетите, а кога тој се обидел да им избега стравувајќи од физички напад, му паднал мобилниот телефон. Оштетениот се вратил да си го земе телефонот, но тоа го искористиле обвинетите, го турнале на земја и почнале да го удираат по целото тело со тупаници и клоци.
Жртвата барала помош од случајни минувачи, но застанал само еден автомобил, а возачот излегол и им рекол на обвинетите да го пуштат оштетениот. Повреден, со гребаници и набиеници по главата и телото, оштетениот се сокрил во близок кафе бар додека да стигне полицијата, по што бил пренесен најпрво во струшката, а потоа во охридската болница на лекување.
Со поднесеното обвинение надлежниот јавен обвинител предложи продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата полнолетни сторители, кои освен што извршиле насилство врз оштетениот, предизвикале и чувство на загрозување и страв во јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

