Македонија
Насилство на роденден во Скопје: Татко и син натепале шанкер оти одбил да им даде чинии за да ги кршат

Скопското обвинителство поведе постапка против две лица, татко и син од Скопје, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – насилство.
Двајцата осомничени, на 28 јули, во угостителски објект на булеварот „Словенија“ во Скопје, додека биле на семејна роденденска прослава, извршиле грубо насилство врз едно лице. Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот 41-годишник, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото, со оглед дека се работи за лице кое и претходно е осудувано за повеќе слични кривични дела. Исто така, постои и опасност осомничениот да му се заканува или да го нападне оштетениот во обид да го принуди да го смени исказот. За неговиот 21-годишен син, пак, предложени се мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Колони на Табановце, се чека по 40 минути за излез од државата

Интензитетот на сообраќајот на патните правци низ државата, надвор од градските средини, денеска е зголемен, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ). На граничниот премин Табановце кон Србија се бележи зголемена фреквенција на возила и се чека околу 40 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини од македонска страна, според последните информации, нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да внимаваат и да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои зголемена опасност од појава на одрони.
Најризични делници за одрони се:
Катланово – Велес
Маврово – Дебар – Струга
Виница – Берово
Кочани – Делчево
„Потребна е максимална внимателност, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и одговорно управување со возилото“, порачуваат од АМСМ.
Македонија
Македонија под топлотен бран, температурите до 38 степени

Македонија денеска е под влијание на топол воздушен бран што носи високи температури и претежно сончево време. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денешниот ден ќе биде сончев и премногу топол, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од јужен правец.
Температурите ќе се движат од 9 до 19 степени во утринските часови, додека максималните дневни ќе достигнат од 30 до дури 38 степени Целзиусови.
Во Скопје исто така се очекува тропско време. Сончево и топло време со мала облачност ќе го обележи денот, а максималната температура ќе се искачи до 38 степени. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Од УХМР најавуваат дека и во наредните денови ќе се задржи слична временска состојба, сончево и топло со мала до умерена облачност, што значи дека тропскиот бран ќе продолжи и понатаму.
Македонија
62 балони летнаа кон небото во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот во „Пулс“

Во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот од 16 март годинава во дискотеката „Пулс“, попладнево во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа комеморативен настан што го организираше Општината со подршка на Црвениот крст, како дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот.
Со многу емоции, членовите на семејствата на настраданите, облечени во црни маички, два часа ја следеа актерката Наталија Теодосиевска, кочанчанка, која со збор и фотографија ги спомена сите загинати што потекнуваат од Кочани, Оризари и општината Чешиново – Облешево.
Комеморацијата заврши на отворена сцена, на јужната страна од ЦК „Бели мугри“ каде од рацете на деца во воздух летнаа 62 балони со имињата на прерано прекинатите 62 млади животи.
На присутните во салата на кочанската Национална установа им се обрати и Живко Гроздановски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Потоа, членовите на семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 –ти март, придружувани од граѓани, заминаа на протестен марш во чест на нивните ангели низ улиците на Кочани.