Црна хроника
Обвинение за разбојник што ограбувал аптеки во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за разбојнички кражби во аптеки во Скопје.
Обвинетиот 38-годишен скопјанец на 10 септември влегол во аптека на улицата Васил Главинов во Скопје и на вработената ѝ се заканил со нож барајќи да му ги даде парите од дневниот промет. Потоа се упатил кај касата, зел 4.430 денари и побегнал.
На 14 септември, пак, на истиот начин украл 16.150 денари од аптека на булеварот Св. Климент Охридски. Потоа се обидел да ѝ го украде и мобилниот телефон на вработената, која се спротивставила и го турнала.
Обвинетиот дел од парите од дневниот промет го извадил од металната каса на аптеката, а дел од картонска кутија во магацинскиот дел на аптеката, а потоа избегал.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице бидејќи постои опасност од бегство, како и можност тој да влијае врз сведоците/оштетените или да го повтори делото што му се става на товар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Шестмина уапсени во прилепско поради „незаконит лов“, одземени шест ловечки пушки
Вчера во 15:30 часот на место викано паркинг Штавица на патот Витолиште-Прилеп, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Старавина ги лишија од слобода С.А.(46), Х.Ј.Ј.(48), П.Т.(46) и 16-годишник, сите од Шведска, како и Д.М.(76) од Кавадарци и К.М. (66) од Прилеп, поради сомнение за сторено кривично дело по член 228 од Кривичниот законик – „незаконит лов“.
При контрола на патничко возило „мерцедес” со шведски национални ознаки, кое го управувал С.А., а другите лица биле сопатници, пронајдени се шест ловечки пушки, како и пакување со свежо месо исечено на парчиња.
Тие се задржани во ОВР Прилеп и по целосно документирање на настанот, против нив ќе следува соодветна пријава.
фото: МВР
Црна хроника
Фрлил кеса и се обидел да побегне: полицијата приведе малолетник и 27-годишен маж
На 10 декември 2025 година, околу 17:40 часот, полициски службеници од ОВР Делчево привеле 16-годишник и А.М. (27), двајцата од Македонска Каменица.
При службени дејствија, полицијата ги затекнала на место викано „Горен водопад“ на реката Каменичка, каде што малолетникот фрлил кеса и се обидел да побегне, но бил спречен и приведен. На местото биле пронајдени и одземени кеса со марихуана, дигитална вага и дробилка.
Подоцна, со судска наредба и во присуство на неговиот татко, извршен бил претрес во домот на малолетникот, при што доброволно предал пакување со два цвета од растението канабис.
За случајот е известен јавен обвинител и по целосно документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Повреден маж во пожар во куќа во Шуто Оризари
На 11 декември 2025 година, околу 05:20 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари настанал пожар во куќа сопственост на Д.Р. (31) од Скопје.
Сопственикот се повредил при излегување од објектот и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.
Екипа на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје го изгаснала пожарот. Извршен е увид.

