Топ
Обвинение за скопјанец што организирал фудбалски турнир на кој имало 100 луѓе во публика
Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно 17 лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Еден од обвинетите постапил спротивно на одлуката за спроведување мерки на заштита од Ковид-19 при одржување тренинзи на клубовите и одигрување фудбалски натпревари без публика. Обвинетиот организирал и одржал турнир во мал фудбал на игралиште, каде што, покрај играчите, била присутна и публика од 100-ина лица.
Другите 16 обвинети не постапиле во согласност со одлуката за забрана и посебен режим за движење, па за време на тогаш важечки полициски час биле затекнати како се движат на разни локации.
За сите обвинети надлежните јавни обвинители предложија парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски: СДСМ ја напуштија седницата кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти
Лицемерието на СДС излезе на виделина, ја напуштија собраниската седница кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Откако устата им беше полна со наводни мигранти, кој ене ги чекале на граница, само што не дошле и што уште не излажаа, денес кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостоечка тема која тие ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата, како маче од куче, туку и фамозната Резолуција која ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од говорење дека била најдобрата, ја немаат ниту поднесено во Собрание“, рече Стојаноски.
Тој кажа дека Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која е поднесена и е на дневен ред, денес ќе биде изгласана и со тоа ќе ја затвориме измислената тема од страна на СДС за наводни мигранти во Македонија.
Топ
Уапсен возачот кој денеска со камион усмрти велосипедист во Гостивар
Полицијата го уапси возачот кој денеска со товарно возило усмрти велосипедист во Гостивар.
Според информациите на МВР, денеска (16.12.2025) околу 13:00 часот во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишија од слобода Х.М.(44) од Гостивар, постапувајќи по пријава дека во 12:35 часот на крстосница од ул. „Илинденска” со ул. „Седек Костовски” во Гостивар, товарно возило „мерцедес“ со гостиварски регистерски ознаки, управувано од Х.М., удрило во велосипед управуван од И.М.(76) од Гостивар.
И.М. бил пренесен во Медицинскиот центар во Гостивар, каде лекар констатирал смрт.
По документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против Х.М. ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.

