Топ
Обвинение против 23-годишната велешанка, која изврши убиство бранејќи се од семејно насилство
Велешкото Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 23-годишна велешанка за кривично дело убиство на миг.
Во соопштението се потсетува дека обвинетата на 29 септември минатата година, во семејната куќа во која живеела, доведена без своја вина во состојба на силна раздразнетост како последица на семејно насилство, го лишила од живот А. Р. со кого живеела во вонбрачна заедница.
„Кога се вратиле дома од гости, А. Р. во видно алкохолизирана состојба почнал вербална расправија со обвинетата нарекувајќи ја со најпогрдни зборови. Таа влегла во спалната соба и легнала да спие, но тој дошол до неа, ја фатил за пижамата и со неа ја влечел до кујната удирајќи ја со тупаници по главата, увото и левото рамо, како и со клоци во левата натколеница. Потоа силно ја фатил со рацете во пределот на вратот да ја дави.
Обвинетата давала отпор и го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и му нанела убодна рана во пределот на срцето. Како последица на убодот, дошло до смрт кај А. Р.“, објаснуваат од Обвинителството.
Со оглед на тоа што постојат околности што укажуваат на опасност од бегство на обвинетата, заедно со обвинението е доставен и предлог за продолжување на куќниот притвор определен за обезбедување на присуството на обвинетата во текот на кривичната постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин: Светот станува поопасен, ситуацијата на меѓународната сцена се влошува
Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека меѓународната ситуација се влошила и дека светот станува поопасен, но не ја спомена ситуацијата во Венецуела и Иран. Путин сè уште јавно не коментирал за соборувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро од страна на САД, протестите во Иран или заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд.
„Ситуацијата на меѓународната сцена се влошува, мислам дека никој не би го оспорил тоа, долгогодишните конфликти се интензивираат и се појавуваат нови сериозни жаришта“, рече Путин. Во говорот пред новите амбасадори кои ги предадоа своите акредитиви во Кремљ, што беше негов прв јавен говор за прашања од надворешната политика оваа година, Путин не ги спомена конкретно САД или Трамп.
„Го слушаме монологот на оние кои, по право на посилниот, сметаат дека е дозволено да ја диктираат својата волја, да им држат предавања на другите и да даваат наредби“, рече Путин. „Русија е искрено посветена на идеалите на мултиполарен свет“, рече тој.
„Русија ќе продолжи доследно да ги остварува своите цели“
Путин повика на дискусија за руските предлози за нова безбедносна архитектура во Европа.
„Се надеваме дека признавањето на оваа потреба ќе дојде порано или подоцна. Дотогаш, Русија ќе продолжи доследно да ги остварува своите цели“, рече тој.
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.
Македонија
Поддршка за новиот закон, пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести, велат од Институтот за медицина на трудот
Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и недвосмислена поддршка за Предлог-законот за заштита од пушење.
Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право. Од таму велат дека секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.
„Нагласуваме дека работниците во угостителскиот сектор, се меѓу најранливите групи. Овие вработени често се изложени на високи концентрации на тутунски чад во текот на целото работно време, кое често надминува 8 часа дневно. За овие работници, „пасивното пушење“ не е избор, туку претставува сериозен здравствен ризик кој потекнува од нивното работно место. Научните докази се јасни: не постои „безбедно“ ниво на изложеност на чад или аеросоли од тутунски и никотински производи. Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност како јавно-здравствена установа е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета“ на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски“, се наведува во соопштението.
Затоа, Институтот ги повикува работодавачите, особено во угостителството, да ја поддржат примената на законот како мерка за безбедност при работа, а не како „казна“; работниците да го препознаат правото на чист воздух како дел од правото на безбедно работно место; инспекциските и надлежните органи да обезбедат доследна примена, затоа што само така законот ќе ја исполни својата цел.
„Со спроведувањето на овие мерки, не само што ги штитиме поединците, туку и ја зајакнуваме нашата економија преку намалување на боледувањата и продолжување на животниот век на нашата работна сила. Институтот за медицина на трудот на РСМ цврсто стои зад овој закон. Јавното здравје и безбедноста на нашите работници мора секогаш да имаат предност пред комерцијалните интереси. Повикуваме на поддршка од сите чинители за оваа транзиција кон почиста, поздрава и попродуктивна работна средина за сите работници во нашата земја“, се наведува во соопштението.
фото/Depositphotos

