Топ
Обвинителството предложи одземање на пасошот за двајцата возачи поради сообраќајката на автопатот Гостивар-Тетово во која загина жена

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка и предложи мерки на претпазливост за двајцата возачи по вчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Гостивар-Тетовo.
Од Обвинителството информираа дека според првичните сознанија едниот 19-годишник од Врапчиште со македонско и словенечко државјанство управувал со автомобилот „мерцедес“ со брзина поголема од дозволената, а вториот 47-годишник од Охрид претекнувал без претходно да се увери дека може да го стори тоа без да ги загрози останатите учесници во сообраќајот.
Во сообраќајната несреќа меѓу двата автомобили кои се движеле еден по друг во правец кон Гостивар, животот го загуби сопатничка од охридскиот автомобил, а останатите четири лица-учесници се здобиле со повреди.
„Согласно тоа за двајцата осомничени постои основано сомнение дека би можеле да бидат сторители на – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител предложи на двајцата привремено да им биде одземена патната исправа, да им биде изречена забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште и да им биде одредена обврска повремено да се јавуваат кај надлежен орган додека трае постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не молчевме за корупцијата, а чистевме и во сопствениот двор – Тошковски за сработеното во досегашниот мандат

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната конференција за новинари посветена на сработеното во досегашниот мандат потенцира дека со преземањето на министерството затекнале нефукционален систем, институција без јасна организација, без услови за работа со изгубена доверба кај граѓаните и нагласи дека таква слика на тага и немоќ не смее никогаш повеќе да се види.
„Бандите дивееја, а државните институции молчеа. Пасоши се чекаа со месеци, границите беа хаос, сообраќајот без контрола. Вработените во МВР беа без опрема, без поддршка, без достоинство. Едноставно, така не може да функционира една држава. И така не смее никогаш повеќе да биде! Нашата земја заслужува многу повеќе од тоа“, потенцираше министерот Тошковски и образложи дека целата мината година е потрошена на стабилизација на институцијата и системот во која сепак се постигнати резултати кои претходно не се постигнати со години наназад.
„Дојде време да покажеме дека државата е посилна од било кој криминалец, било која мрежа, било која коруптивна структура. Дојде време да си ја вратиме довербата во институциите. Во изминатата година, разбивме 14 организирани криминални групи. Во нив имаше над 200 сторители, а меѓу нив и една брутална група вмешана во девет убиства, изнуди, палења и напади врз полициски службеници. Ова е доказ дека државата си ја враќа силата и нема да толерира никакво насилство. Оваа влада, ова министерство, нема да седи со скрстени раце додека криминалот ни ги уништува животите. Ние сме тука за да го заштитиме секој граѓанин“, дециден беше министерот Тошковски истакнувајќи дел од постигнатите резултатите.
Министерот за внатрешни работи Тошковски за борбата со дрогата истакна дека се откриени над 860 кривични дела и фатени над 430 килограми наркотична дрога, спречени три обиди за меѓународен шверц, рекордна заплена на кокаин од над девет килограми и запленети над шест тона марихуана од компании за производство на канабис заради злоупотреби и истакна дека за правдата веќе нема недопирливи и секој што ќе се обиде да искористи туѓа ранливост за лична корист, ќе се соочи со институциите и со законот.
„Во делот на корупцијата, не молчевме. Поднесовме кривични пријави против 107 лица и 18 фирми. Се работи за корупција во здравството, енергетиката, даночниот ситем, па дури и во безбедносниот сектор. Овие коруптивни шеми резултирале со штета од над 17 милијарди денари за државата. Ова не се апстрактни бројки, тоа се украдени пари на граѓаните, злоупотребени од поединци што мислеле дека државата е нивна приватна каса. Но времињата се сменија. Ние почнавме да ги враќаме тие средства онаму каде што припаѓаат – во државниот буџет“, рече министерот Тошковски нагласувајќи ги резултатите за борба со корупцијата.
Министерот за внатрешни работи зборуваше и за борбата со илегалната миграција, борбата со криминалците и нечесните во редовите на МВР, активностите за подобрување на состојбата со сообраќајот.
„Чистиме и во сопствениот двор. Отворивме над 230 постапки против вработени во МВР кои не си ја вршеле работата како што треба. Во делот на миграцијата спречивме над 6.000 обиди за нелегален влез, откривме 64 случаи на криумчарење и разбивме меѓународни мрежи кои носеле мигранти. Работиме секојдневно со ФРОНТЕКС и нашите меѓународни партнери и резултатите се видливи. Проектот Безбеден град е нашата одлучна мерка. Камерите ќе регистрираат, системот ќе постапи. Нема повеќе селективна правда. Нема човечки фактор за тоа дали некој ќе биде санкциониран или не. Само вака можеме да спасиме животи. И ќе го направиме тоа, по секоја цена”, дециден беше министерот Тошковски продолжувајќи за системското подобрување на условите за работа во министерството, процесите на дигитализација и унапредување на услугите за граѓаните.
„Го реновиравме Центарот за обука во Идризово, отворивме нов К9 центар, пуштивме во употреба мултимедијален едукативен центар, отворивме нови управни служби во шест општини. Ова не се само згради, туку инвестиции во иднината на полицијата и во квалитетот на услугите за граѓаните. Започнавме и со изработка на проектна документација за изградба на нови и реконструкција на постоечки полициски станици, а во наредниот период ќе се посветиме и на нивната реализација. Обезбедуваме современа опрема, возила, униформи и дигитални решенија затоа што професионалното полициско работење бара современи алатки и стабилна поддршка“, истакна Тошковски.
Министерот за внатрешни работи Тошковски на крајот нагласи дека довербата која ја даваат граѓаните не е привилегија туку обврска и дека изминатата година беше првиот чекор кон враќање на редот, правдата и одговорноста во системот, а во наредниот период ќе се продолжи уште посилно и уште поодлучно.
Топ
17-годишник загина во сообраќајка во Кичево – возел мотор и се судрил со „ауди“

Несреќа со смртни последици се случи вчера во Кичево, пришто животот го загуби 17-годишно момче од овој град, кое управувало мотоцикл „хамачи“.
Околу пладне, на пресекот на улиците Борис Кидриќ и Мирко Милески, тој се судрил со „ауди“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од А.Е.(22) од кичевското село Стрелци, соопшти полицијата.
Малолетното момче со тешки повреди не успеало да стигне до клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје, пришто за време на транспортот им подлегнало на повредите, а доктор од Итната медицинска помош, констатирал смрт.
Извршен е увид, а врз телото ќе биде извршена обдукција.
Македонија
Пеколни горештини во Македонија, температурата денес ќе достигне 41 степен

Македонија е под топлотен бран.
Според метеоролозите, времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 33 до 41 степен, јавува УХМР.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 41 степен.
Во сила се препораките за заштита на населението.
– Ослободување од работни обврски бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија);
– Одложување на работниот процес во критичните часови (11 – 17 часот) за работници изложени на директна топлина;
– Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;
– Работодавците да обезбедат микроклиматски услови за работа во согласност со акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
– Активирање планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување стари лица и образовни институции да постапат во согласност со интерните протоколи за кризна состојба.
Од среда се очекува заладување.