Топ
Опожарени возилата на Сузана Турунџиева и на Ребека

Автомобилот на пејачката и водителка Сузана Турунџиева бил опожарен изутринава околу 3 часот. Огнот го зафатил и возилото на пејачката Ребека.
„На 16.01.2020 околу 3 часот во СВР Скопје пред трговски центар на булевар 8 Септември бил пријавен пожар во патничко моторно возило ‘мини купер’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.Т.(51) од Скопје, а огнот зафатил и патничко моторно возило ‘шевролет орландо’ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Р.Ј.Р.(49) од Скопје“, информираат од скопската полиција.
Пожарот е изгаснат од противпожарната единица од Скопје. Полицијата ги утврдува причините за пожарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Салиу се вознемири од прашањето дали ќе си поднесе морална оставка по пожарот во Кочани и ги обвини новинарите дека му судат

Министерот без ресор, Шабан Салиу, кој од 2008 до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување и опфатен е со обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 млади лица, денес се вознемири од новинарско прашање дали од морални причини би поднел оставка. Тој првин праша кој медиум му го поставува прашањето иако новинарката користи опрема со видливи ознаки, а место одговор на прашањето, се пожали дека новинарите му судат место судот.
„Не е коректно и не е фер новинарите да водат судска постапка. Има една општа пресумпција на невиност, која сите ја знаете – сѐ додека не бидам осуден, не сум виновен. Не чувствувам никаква вина и треба да оставиме судовите да донесат одлука и да ја водат постапката, а не надвор од судовите“, рече министерот Салиу, кој се појави на настан за одбележување на 2 август, ден кога стотици илјади Роми за време на Втората светска војна се убиени во логорите на смртта и им се заблагодари на премиерот и на Владата што овозможиле да се одбележи денот.
Не кажа дали размислува за оставка од морални причини.
Владата, пак, размислува дали да го разреши Салиу уште од април годинава. Во вторникот премиерот Христијан Мицкоски рече дека веќе е во комуникација со него за понатамошните чекори што треба да бидат преземени и дека ќе ја извести јавноста кога ќе има нешто ново.
Салиу заедно со 34 обвинети за пожарот во Кочани се сомничи за тешки дела против општата сигурност. Обвинителството соопшти дека за обвинетите од Дирекцијата за заштита и спасување постои сомнеж дека со неизвршување на должностите, спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување.
На Салиу му е изречена мерка претпазливост и тој мора двапати недело да се пријави во судот.
За министерот Салиу не е коректно ниту сликањето и објавувањето на табличките од неговиот службен автомобил со кој оди во судот да се пријави.
„Не е коректно и не е фер новинари да сликаат таблички на моето возило. Службено е ама јас се возам во тоа возило, задолжен сум со тоа возило. Не е фер таков начин, јас не бев на одмор, не бев никаде, напротив во рамки на моите должности го извршив и тоа. Се пријавив. Јас од осум часот до некаде 17 часот сум на работа. Јас не бев никаде надвор од државата туку бев во судот“, рече министерот Салиу.
Службена „шкода“ со возач го чека министерот додека тој се пријавува во судот со што потврдува дека не избегал од земјава
Македонија
Воведени нови летови од скопскиот аеродром до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и Прага

Скопје се поврзува со уште пет нови дестинации. Од скопскиот аеродром се воведуваат летови до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и до Прага, објави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
„Утрово, потпишавме договор за 5 нови дестинации, кои ќе се оперираат од скопскиот аеродром. Пет нови авиолета, кои ќе значат повеќе туристи во Македонија, повеќе бизнис во Македонија и повеќе можности за сите граѓани на Македонија. Веќе од ноември почнува редовна авионска линија Стокхолм – Скопје. Исто така, веќе од ноември почнува редовна авионска линија Мадрид – Скопје, а од декември почнува редовна авионска линија Бари – Скопје, од декември Келн – Скопје и исто така од декември почнува и редовна авионска линија Прага – Скопје. Ова се пет нови авиолинии, кои за неколку месеци ќе почнат да оперираат од скопскиот аеродром“, рече Николоски.
Тој додаде дека за една година се отворени 16 нови авиолинии.
„Со 11 нови линии, што веќе ги отворивме, и овие 5, веќе зборуваме за 16 нови авиолинии, кои ги отворивме за една година. И тоа бројките го покажуваат, само во првата половина од оваа година од скопскиот и од охридскиот аеродром вкупно се превезени 1,5 милион патници, што е зголемување за 5 % од скопскиот аеродром и 11 % за охридскиот аеродром“, рече Николоски и најави дека во следниот период ќе има уште нови авиолинии.
Македонија
Зголемен број туристи во Македонија, земјата станува сѐ поинтересна за Германците, Французите, Британците…

Анализата на туристичкиот тренд во првите пет месеци од 2025 година покажува дека Македонија бележи интензивирање на туристичкиот промет и зголемување на интересот на странските туристи од западноевропските земји, пред сè, од: Франција, Германија и Велика Британија.
Министерството за култура и туризам ги анализира најновите податоци за движењето на странските туристи во Македонија за првите пет месеци од 2025 година во однос на истиот период во 2024 година, при што е забележан пораст од 23,6 % кај странските туристи и раст од 18,7 % кај остварените ноќевања.
Во првите пет месеци од 2025 година туристичкиот промет во Македонија бележи значително зголемување во однос на истиот период во 2024 година.
Особено се издвојува Германија со раст од 219 % во бројот на туристи и 146 % во ноќевања, што укажува на видно зголемен интерес на германските туристи за посета на нашата земја. Франција бележи највисок пораст со 398 % повеќе туристи и 303 % повеќе ноќевања, со што се позиционира како нова стратешка цел на туристичките политики. Велика Британија забележува значително зголемување од 204 % во бројот на туристи и 139 % во ноќевањата. Турција, која беше водечки пазар во 2024 година, продолжува со стабилен раст од 11 % во бројот на туристи и 21 % во ноќевањата задржувајќи ја својата прва позиција според вкупниот број туристи и ноќевања. Овие резултати ги потврдуваат позитивната динамика и зголемениот интерес за Македонија како атрактивна туристичка дестинација на европската мапа.
„Македонија бележи растечки интерес кај странските посетители за културен туризам во месеците надвор од традиционалната сезона, што значително придонесува за анулирање на сезонскиот туризам, зголемување на вкупните туристички приходи и засилување на локалната економија. Овој тренд е од исклучително значење затоа што создава континуирана туристичка активност во целата година, ги ангажира локалните заедници, занаетчии, водичи и угостители и овозможува рамномерен економски развој и надвор од туристичките центри“, соопшти Министерството и најави дека ќе ги искористи овие податоци за прецизно насочување на промотивните активности, подготвување на програмата на секторот туризам, јакнење на авионските врски со новите пазари и активна поддршка на туристичките оператори.