Црна хроника
Осуммина обвинети за основање на терористичка ќелија, складирале оружје и набљудувале објекти
Обвинителството поднесе обвинителен акт против осумина граѓани, кои по примерот на ИСИС формирале терористичка организација односно ќелија.
Организацијата била формирана во 2019 година, а членовите прибирале оружје. Од обвинителството не откриваат дали и кои им биле целите за напад во земјава.
По проведена сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес до Основниот кривичен суд – Скопје достави обвинителен акт против петмина жители на Куманово и тројца скопјани, се наведува во соопштението.
Според дејствијата опишани во обвинителниот акт, Б.Г.(28), Р.А.(31), С.И(31), А.С.(21) и Ј.К.(25) сториле кривично дело – терористичка организација, а обвинетиот Б.Ф. (33) сторил едно кривично дело – терористичка организација и едно кривично дело – служба во непријателска војска, Д.А. (21) е обвинет дека сторил кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, исто како и обвинетиот И.М.(23).
„Во периодот од 2019 и 2020 година, на територијата на нашата земја, обвинетите Б.Ф., Б.Г., Р.А., С.И., А.С. и Ј.К., станале припадници на злосторничка организација – терористичка организација ќелија со основи на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, создадена во почетокот на 2019 година од страна на претходно обвинетиот Б.А. Прифаќајќи го криминалниот план на злосторничката организација – терористичка група, секој од нејзините членови имал конкретни задачи, па така обвинетите Б.Ф. и Б.Г. добивале конкретни задачи од обвинетиот Б.А., при што му обезбедувале логистичка поддршка и имале задача, заедно со уште тројца претходно обвинети, да обезбедат патничко моторно возило со кое ќе го пренесуваат и објекти во кои ќе го држат оружјето, муницијата и воената опрема, да изработуваат импровизирани експлозивни направи, собирале информации за движење и вршеле опсервирање на објекти и локации. Обвинетите Р.А., С.И. и А.С., како припадници на групата учествувале и во активности на собирање и обезбедување на информации од значење за целите на терористичката група и вршеле опсервирање на објекти и локации“, посочуваат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал.
Обвинетиот Ј.К. пак, вршел собирање, едитирање и титлување на преводи, од арапски на албански јазик, на видеа од боиштата во Сирија и Ирак и од извршените терористички напади во Франција и Шпанија, како и снимки во кои се прикажува начинот на изработка на експлозивни направи, на извршување напад врз лица, на безбедно користење на интернет апликации за комуникација и снимки со обезглавување на жртвите на ИСИС/Исламска држава, со што овозможил пристап на поголем број на луѓе до ваквите радикални содржини.
Врз основа на доказите прибавени во истрагата, обвинителството дошло до сознанија дека обвинетиот Б.Ф., како македонски државјанин, во периодот од 4 мај до 2 јуни 2014 година, за време на вооружен судир активно учествувал во активностите на Исламска држава, каде во евиденциите на ИСИС е заведен како борец.
Воедно, обвинителството утврдило дека во текот на 2020 година во Куманово, обвинетиот Д.А. неовластено држел оружје – пиштол марка „застава“ со калибар 7,62 милиметри, што неовластено го продал на претходно обвинетиот В.А., а во истиот период во Табановце, обвинетиот И.М. неовластено држел автоматска пушка со калибар 7,62 милиметри, автоматски пиштол „Шкорпион“ со калибар 7,65 милиметри, кое оружје им е забрането на граѓаните и огнено оружје – марка „застава“ со калибар 7,62 милиметри.
Имајќи ги предвид мотивот за сторувањето на делата, односно создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните, како и тоа дека се уште постојат околности врз основа на кои била определена и продолжувана мерката притвор, а особено фактот дека постои опасност обвинетите доколку останат да се бранат од слобода да ги повторат кривичните дела што им се ставаат на товар, предметниот обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје доставил посебен предлог.
Во него заради обезбедување на присуство на обвинетите и непречено водење на кривичната постапка, се предлага мерката притвор спрема шестмина обвинети да биде продолжена, додека за двајца обвинети е предложено поблага мерка – куќен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
(Видео) МВР со детали за транспортот на 150 килограми марихуана, уапсени три лица од Скопје
Вчера Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против М.З.(37), И.Б.(61) и Г.Б.(59), сите од Скопје, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по чл.215 ст. 3 во врска со став 1 од КЗ.
Имено, на 26.01.2026 М.З. од лице од Струга купил моторно возило „опел комбо“ со швајцарски национални ознаки, во кое заедно со И.Б. сместиле наркотична дрога марихуана, при што го контактирале Г.Б. со цел моторното возило да биде шлепувано од Струга до Скопје за цена од 200 евра, бидејќи не било во возна состојба.
Откако пристигнале во Скопје, првопријавениот М.З. заедно со второпријавениот И.Б. побарале од третопријавениот Г.Б. за сума од 40 евра да продолжи да вози до Свети Николе, позади моторно возило „мерцедес“ во кое тие се превезувале.
На регионален пат во близина на Свети Николе, полициските службеници, по претходно добиени информации дека ќе биде извршен транспорт на поголема количина на дрога, го запреле товарното возило „ивеко“ кое го шлепувало возилото „опел комбо“ и при преглед на задната клупа и во багажниот простор на возилото „опел“, пронајдени се осум торби во кои имало 50 пакувања со марихуана. По извршено вештачење во Одделот за форензички испитувања при МВР, утврдено е дека станува збор за 150 килограми марихуана.
Црна хроника
Присвоила мобилни уреди што и биле доверени во службата: кривична пријава за вработена во мобилен оператор во Струмица
ОВР Гевгелија поднесе кривична пријава против С.Б.(36) од Струмица, поранешна вработена во еден мобилен оператор.
Според полицијата, таа се сомничи за сторено кривично дело „проневера во службата“.
Пријавената, во периодот од март до септември 2024 година, во својство на бизнис агент свесно и со умисла присвоила осум мобилни уреди кои што и биле доверени во службата, на тој начин што на менаџерот од Гевгелија му прикажувала факти дека ќе склучи бизнис договори со пет правни лица од Гевгелија и Дојран и ќе им ги додели мобилните уреди во вид на субвенциона форма за направените активации и обнови. Додека, на месечните пописи кои биле правени во продажниот салон во Гевгелија свесно било прикриено дека фали трговска стока, со што пријавената причинила имотна штета на оштетеното правно лице во износ од околу 600.000 денари.
Црна хроника
Ја претепал сопругата а потоа ја одзел нивната малолетна ќерка: кривична пријава за штипјанец
СВР Штип поднесе кривична пријава против Е.Д.(21) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ и „одземање на дете“.
На 17.11.2025 во Штип, пријавениот, кој бил со уште две лица, физички ја нападнал неговата 23-годишна поранешна сопруга, а потоа со помош на едно од лицата ја одзел нивната малолетна ќерка.

