Топ
Пешак загина, велосипедист тешко повреден – и во двата случаја возачите што ги удриле побегнале
Пешак во Скопје загина, а велосипедист е тешко повреден во два одделни случаја во кои биле удрени од автомобили, при што и двајцата возачи побегнале.
Првиот инцидент се случил вчера напладне на крстосницата од булеварот Трета македонска бригада и улицата Никола Карев, при што автомобил удрил во велосипед, управуван од З.Т. од Скопје и го напуштил местото на незгодата.
Велосипедистот се здобил со тешки повреди и бил итно пренесен во градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
Вториот инцидент со трагичен исход се случил синоќа околу 1 часот по полноќ кога на улицата Алија Авдовиќ во Скопје, автомобил удрил во 79-годишен пешак со иницијали А.А, по што возачот го напуштил местото на незгодата.
Пешакот бил итно пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што им подлегнал на повредите.
Полицијата работи на расчистување на овие два случаја и трага по несовесните возачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче го соопшти новото раководство на партијата: СДСМ има нов тим, нова сила – нова енергија!
Претседателот на Социјалдемократкиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, по завршувањето на вчерашната седницата на Централниот одбор на СДСМ го соопшти новото раководство на партијата. На прес-конференцијата, Филипче посочи дека новиот тим влегува во храбра и многу одлучна борба со „ненародната, корумпирана и криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН“.
Во продолжение е интегралната изјава на Филипче:
„На седницата на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се избра новото раководство. Нови партиски потпретседатели се доктор Александар Трајановски и пратеничката Јована Тренчевска. Членови на Извршниот одбор се луѓе коишто се еден дел искусни, еден дел млади, одлична спојка. Искусните ќе го пренесат своето знаење и искуство на помладите. Секретарските позиции ги задржаа актуелниот генерален секретар и еден од досегашните организациските секретари. Ова е тим кој влегува во храбра и многу одлучна борба со оваа ненародна и криминогена и корумпирана власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН. И не сме сами, на денешниот состанок се продискутираа многу аспекти, ја шириме нашата платформа, повикуваме многу граѓански организации, независни поединци, интелектуалци. Го формиравме и Советот на партијата кој ќе има улога да привлекува слободоумни луѓе коишто ги делат нашите вредносни политики, поради тоа што нашиот фронт којшто го објавуваме вечерва постепено и сигурно ќе расте, затоа што ние се подготвуваме власта да ја вратиме во рацете на граѓаните. Во рамките на тимот еден од најновите делови на целокупниот тим е Антикорупцискиот тим, составен од млади луѓе, истражувачи, но искусни луѓе коишто ги консултираме за активностите, кои се занимаваат со разоткривање на корумпираните шеми на актуелната власт. И вечерва цврсто и одлучно кажуваме, дека ние сме тие коишто ќе стават крај на политиката на изолација на државата од Европа. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на корупцијата и криминалот на оваа власт. Ние сме тие коишто ќе ставиме крај на предавството на безбедноста и националните интереси на нашата земја преку проектот мигранти за пари. Ние ја враќаме власта во рацете на граѓаните“.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.
Македонија
Стојаноски: СДСМ ја напуштија седницата кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти
Лицемерието на СДС излезе на виделина, ја напуштија собраниската седница кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Откако устата им беше полна со наводни мигранти, кој ене ги чекале на граница, само што не дошле и што уште не излажаа, денес кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостоечка тема која тие ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата, како маче од куче, туку и фамозната Резолуција која ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од говорење дека била најдобрата, ја немаат ниту поднесено во Собрание“, рече Стојаноски.
Тој кажа дека Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која е поднесена и е на дневен ред, денес ќе биде изгласана и со тоа ќе ја затвориме измислената тема од страна на СДС за наводни мигранти во Македонија.

