Црна хроника
Поднесено обвинение против лицето кое направи импровизирана лабораторија за марихуана во Козле
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги“.
„Осомничениот на најгорниот кат од својот дом во Козле неовластено произведувал, преработувал и заради продажба држел наркотична дрога марихуана. Притоа тој направил импровизирана лабораторија со 52 растенија од типот Cannabis, импровизирана сушилница од картонски кутии каде што го сушел растението, а потоа го дробел и пакувал за продажба и вршел екстракција на масло од марихуана.
При претрес на домот на осомничениот била пронајдена марихуана со вкупна нето-маса од 1.324,43 грама, спакувана во повеќе различни тегли и пакувања, хашиш масло со вкупен волумен од 27 милилитри во 54 капсули, хашиш смола со вкупен волумен од 30,7 милилитри во 11 пластични шприцеви, како и дигитална вага, вентилатори, термометри, инструменти за мерење влажност, екстрактор и други апарати што ги користел во импровизираната лабораторија“, соопшти ОЈО.
Со решение на судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје на лицето му беше определена мерка куќен притвор, па ценејќи дека сè уште постојат законските основи за обезбедување негово присуство во текот на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на мерката куќен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

