Црна хроника
Полициски службеник од ГП Блаце побарал и примил поткуп, поднесена кривична пријава
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против полицискиот службеник С.Ф. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.
На 15.12.2024 на Граничниот премин Долно Блаце, пријавениот С.Ф., полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, побарал и примил пари за да изврши службено дејствие кое не смеел да го изврши. Имено, при контрола на лица кои ја преминувале државната граница кон Косово, за парична награда, пропуштил лице да ја премине државната граница со видно оштетена и преправена патна исправа, со скината предна корица, а пластифицираната страница со биометриски податоци била одвоена од патната исправа, а потоа залепена помеѓу страниците. Исто така, пријавениот не го завел лицето во граничните евиденции како лице кое преминало државна граница и не проверил дали минува во евиденциите за проверки.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник и ќе изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
На „Богородица“ откриени службени пиштоли украдени од обезбедувањето на ЈП „Паркови и зеленило“
Девет службени пиштоли биле украдени на 5 јануари од просториите на ЈП „Паркови и зеленило“ во Скопје. Оружјето е пронајдено во автомобил „Шкода октавија“ сопственост на правно лице од Прилеп при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“.
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против жител на Прилеп кој на 14 јануари го изнајмил возилото од компанијата и со него се обидел преку граница да ги пренесе полуавтоматските пиштоли, скриени во фабричкиот простор помеѓу лимот и тапацирот на автомобилот.
По сериските броеви е утврдено дека станува збор за оружјето кое претходно било украдено од службените простории на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје и регистрирано како службено оружје на обезбедувањето во скопското претпријатие.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик
Црна хроника
Им се заканувал на сопругата и ќерките дека ќе ги убие и запали: откриено автоматско оружје по пријава за семејно насилство во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 13 јануари, во својот дом во Чучер Сандево, неовластено држел автомат STEN MKII кое на граѓаните им е целосно забрането, како и 71 куршум муниција со калибар 9 mm Para соодветна за испалување од тоа автоматско оружје.
Оружјето и муницијата биле пронајдени во домот на осомничениот, откако неговата сопруга за тоа ги известила полициските службеници кои дошле во домот по пријава дека осомничениот и се заканувал нејзе и на нивните две ќерки родени 2006 и 2010 година дека ќе ги убие.
Најпрво закани упатувал кон жената дека ќе ја запали, а потоа ја искршил покуќнината и со нож им се заканил и на ќерките. Поради ваквите дејствија со кои предизвикал чувство на загрозување и страв кај оштетените, тој е осомничен и за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Црна хроника
Провала во финансиско друштво во Карпош, одземени пари
Во текот на ноќта со употреба на сила било влезено во финансиско друштво во трговски центар во Карпош, при што биле одземени пари.
Случајот е пријавен во СВР Скопје и се преземаат мерки за негово расчистување.

