Топ
Полицијата го уапси скопјанецот кој уби човек во Хром и со мајка му го запалија во станот за да ги сокријат трагите
Полицијата денеска во 14.20 часот на подрачјето на населба Влае, го уапси 39-годишниот А.Д. од Скопје, за кого пред два дена беше распишан Централен распис за потрага, а во текот на вчерашниот ден беше поднесена и кривична пријава по брза постапка за извршени две кривични дела, „убиство” и „тешки дела против општата сигурност”.
„По преземени сеопфатни оперативно-тактички мерки и активности во претходните неколку денови, лицето во 14.10 часот е забележано во близина на мостот “Обединети Нации” и при обид за бегство е фатено и приведено во полициска станица, по што ќе биде изведено пред надлежен судија“, извести МВР.
Претходно, од обвинителството соопштија дека доказите обезбедени до овој момент даваат основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривично дело убиство на свиреп начин. Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото.
По настанот, тој се јавил повеќе пати телефонски кај неговата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со подметнатиот пожар тие предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.
Против осомничениот ќе биде поведена истрага за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1, како и за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
За неговата 59-годишна мајка, како соизвршител, поведена е истрага за Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик. Таа е лишена од слобода и по предлог на јавен обвинител, определен и е притвор во траење од 30 дена, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги скорие или уништи трагите од делото или дека ќе влијае врз сведоците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На едно семејство со четири члена му биле потребни близу 1.100 евра за да го помине декември
Вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава изнесува 65.492 денари и е за 319 денари зголемена во однос на минималната кошница за минатиот месец кога изнесуваше 65.173.
ССМ денеска информираше дека со изнајмен стан од 60 метри квадратни за декември синдикалната минимална кошница изнесува 80 .867 денари.
Според пресметките на ССМ, во декември за храна и пијалаци се потребни 23.640 денари, за Образование 7.159 денари, за Станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.130 денари, Облека и обувки 5.875 денари, Транспорт 4.636 денари, Ресторани и хотели 4.131 денар, Комуникации 3.417, Лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 2.620 денари.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески на 17-ти месецов најави дека од 1 јануари освен што синдикатите ќе ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка и тие како Влада ќе прават пресметка за просечна потрошувачка кошничка, која ќе биде за најмалку четиричлено семејство. На оваа тема ќе се разговара на Економско –социјалниот совет, кој е закажан на 22 декември (понеделнк).
– Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината, изјави Ристески.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.

