Црна хроника
Полицијата разби лихварска група: пет години изнудувала пари од граѓани на кои им требала позајмица – трпеле закани и кога ќе гo врателе долгот
Група од четворица кумановци и еден штипјанец со години се занимавала со лихварство, изнуда на парите што незаконски ги позајмувале и закани кон оштетените дури и кога ќе ги врателе парите.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.П.(34) од Куманово, М.К.(24) од Куманово, Д.Н.(34) од Штип, Д.Т.(27) од Куманово, С.М.(51) од Куманово и С.Ѓ. од Куманово, поради постоење на основи на сомнение дека првопријавениот ги сторил кривичните дела „злосторничко здружување“, „лихварство“, „изнуда“ и „незаконито влијание врз сведоци“, второпријавениот за кривичните дела „лихварство“ и „изнуда“ в.в чл.24, додека трето, четврто, петто и шестопријавениот за кривично дело „лихварство“ в.в „помагање“.
Главниот од групата, триесет и четиригодишниот кумановец создал и организирал група за да заработи пари искористувајќи ја тешката имотна и финансиска состојба на граѓани кои барале позајмица од него.
-Во периодот од 2018 до 2023 година, првопријавениот незаконски давал позајмици на оштетени лица, преку префрлање на одредена сума на парични средства на оштетените или останатите пријавени ги префрлале паричните средства по насоки на првопријавениот, а потоа со присилба и изнуда барале од оштетените веднаш да ги подигнат паричните средства и половина од вредноста да ги дадат на пријавените, за потоа со несразмерна камата да ја враќаат позајмицата.
Откако оштетените не можеле да го вратат долгот, пријавените со присилба и закани барале да склучат купопродажни договори на нотар со оштетените за разни движни и недвижни ствари, како гаранции за заемите. Дури и во случаи кога оштетените лица го вратиле долгот, првопријавениот и останатите продолжувале со заканите, барајќи оштетените да го враќаат долгот со несразмерна камата и присилно, преку склучени договори на нотар, им биле префрлани движни и недвижни ствари како подарок, соопшти полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Истрага за свирепо убиство во Челопек: Млад маж убил старица што живеела сама, се проверува и поврзаноста со слични злосторства
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило убиство.
На точно неутврден датум во периодот од 27.01 до 12.02.2026 година, осомничениот 25-годишник во селото Челопек, општина Старо Нагоричане, со умисла на свиреп и подмолен начин ја лишил од живот жртвата, жена родена во 1947 година.
Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои жената починала.
Со интензивни координирани дејствија во изминатите неколку дена на ОЈО Куманово и истражниот центар во тоа обвинителство, МВР и екипите на Институтот за судска медицина обезбедени се докази кои укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско.
Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат.
Истражните органи работат на сложени вештачења и анализи, како и други дејствија за обезбедување докази, кои во моментов не можат да бидат споделени со јавноста поради тајноста на постапката.
Осомничениот од моментот на неговото откривање веднаш е лишен од слобода и обезбеден, а по предлог на јавниот обвинител му е одредена мерка притвор. Наредено е и психијатриско вештачење на осомничениот од страна на тим вешти лица – форензички психијатри од Институтот за психијатрија во Скопје.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

