Топ
Поранешниот прилепски градоначалник осомничен за криминал со државно земјиште
Против поранешниот градоначалник на Прилеп, Маријан Ристески, и уште осум лица, како и против две правни лица, поднесена е кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето, информираат од МВР.
Обвинетите, меѓу кои поранешен градоначалник, државен правобранител, нотар и раководители од Прилеп во својство на одговорни лица, со пречекорување на своите овластувања, а со намера да овозможат противправна имотна корист за правното лице од Прилеп, во 2012 и 2013 година отуѓиле градежно земјиште во сопственост на државата, со што му е предизвикана штета на буџетот во износ од 7.749.698 денари.
Обвинението, како што информираат од МВР, е поднесено против М. Р. (49) – тогаш во својство на градоначалник на општина Прилеп, И. Ч. (70) – раководител на Одделението за урбанизам во Општина Прилеп, И. К. (65) – раководител на Секторот за урбанизам во Општина Прилеп, В. Ј. (63) – државен правобранител во Прилеп, Т. М. (63) – нотар, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето, М. З. (54) – претседател на Комисијата при Општина Прилеп, Ж. С. (70) – раководител на Одделението за катастар и недвижности, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањето и давање лажен исказ, Г. Б. (57) – еден од основачите на фирма од Прилеп – купувач на спорните парцели и тужител, како и основач и управител на правно лице од Прилеп, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањето, фалсификување службена исправа и поднесување лажни докази, Р. П. (56) – вработен во правното лице од Прилеп како изготвувач на геодетските елаборати и за изработка на ДУП поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањето и фалсификување службена исправа, правно лице од Прилеп, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело давање лажен исказ и друго правно лице од Прилеп поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела фалсификување или уништување деловни книги и давање лажен исказ.
„Пријавените во својство на одговорни лица со пречекорување на своите овластувања, а со намера да овозможат противправна имотна корист за правното лице од Прилеп, во 2012 и 2013 година, со електронско наддавање, каде ШТО како продавач се јавува општина Прилеп на градежни парцели ГП од КО Прилеп, а како купувач се појавува правно лице од Прилеп, противправно – со лажни имотни листови во кои не постои податок за правото на користење на земјиштето на Министерството за одбрана, кое е запишано уште од 1.10.2009 година, а за што од проверките било констатирано дека сите инволвирани лица знаеле дека се лажни и свесно не ја оспориле нивната валидност во сите постапки постапувајќи најпрвин од онаа при припремата на објавата за продажбата на градежното земјиште, давањето на согласностите од страна на Државното правобранителство – Прилеп, а потоа и во постапката пред суд по поднесената тужба за надомест на штета, а ниту, пак, е поведена постапка пред надлежен суд, на кој начин е отуѓено градежното земјиште сопственост на државата, а врз кое корисник било Министерството за одбрана, со кои дејства по заведен судски спор пред Основниот суд Прилеп од купувачот правно лице од Прилеп против ПМ за надомест на штета, исплатени се парични средства по правосилна пресуда на име уплатен надомест за градежно земјиште, надомест на штета и камати во износ од 19.191.800 денари од буџетот на Република Северна Македонија, а трите парцели биле отуѓени од страна на Општина Прилеп за вкупна цена од 11.442.102 денара по што на ваков начин предизвикана му е штета на буџетот на Република Северна Македонија во износ од 7.749.698 денари, информира МВР.
Во 2013 година, од страна на Општина Прилеп, се вели во соопштението од МВР, му било издадено одобрение за градба на правно лице од Прилеп за изградба на станбена зграда со деловен простор на друга локација во Прилеп, при што бил склучен договор за плаќање на надоместокот за уредување на градежното земјиште на 11 месечни рати и платена е само првата рата, а самиот договор нема предвидено одредби за заштита од неплаќање на долгот ниту, пак, тоа е укинато, на кој начин противправно му е овозможено на истото правно лице од Прилеп да врши градежни работи, без да го плати утврдениот надоместок, што е спротивно на одредбите предвидени во Законот за градењето. Плаќањето на надоместокот за уредување на градежното земјиште е извршено во 2016 година врз основа на судска пресуда по тужбата за продажба на градежни парцели, информираат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Големи поплави во Кичево, ЦУК на терен
Според вонредните информации од Центарот за управување со кризи за состојбата до 17:00 часот со обилните врнежи, во Скопскиот Регион, во Општина Сарај поради поплавите во селата Буковиќ и Семениште, преземени се координирани активности за надминување на состојбата.
„Интервенираа екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување. Активностите се насочени кон расчистување на зафатените подрачја, одводнување на поплавените површини и создавање услови за постепено нормализирање на состојбата“, соопштуваат од ЦУК.
Во Кумановскиот Регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излезе од своето корито во село Опае, при што е зафатен дел од селото, а најголем дел од поплавените површини се земјоделско земјиште. Излевање е регистрирано и во атарот на село Оризаре, каде што се зафатени земјоделски површини.
Во Гостиварскиот Регион, по обилните врнежи од дожд се евидентирани повеќе случаи на поплавувања во општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше.
„Во Гостивар и околните населени места пријавени се повеќе поплавени куќи, подрумски простории и стопански објекти, како и излевање на водотеци и затрупани канали. Во село Беловиште интервенирано е по пријава за заглавени лица во поплавен објект, при што лицата се безбедно извлечени. Во село Форино е пријавено излевање на реката Вардар од коритото, со поплавени земјоделски површини и потенцијален ризик за куќите во близина на мостот кон село Тумчевиште. Во координација со надлежните институции ангажирана е механизација за отстранување на пречките од речното корито“, информираат од ЦУК.
Во Општина Кичево, по излевање на Зајашка река, поплавени се куќи и дворови на повеќе улици. По 12:00 часот се пријавени дополнително околу 30 поплавени семејни куќи. Извршена е евакуација на стари и изнемоштени лица, како и на деца од поплавените објекти.
Лицата на кои им е потребно привремено сместување ќе бидат згрижени во спортската сала во Иванидол. На терен интервенираат екипи на ЈКП „Комуналец“ – Кичево и Територијалната противпожарна единица, кои постапуваат согласно приоритетите и пријавите од граѓаните.
Свикан е Кризен штаб кој ја следи состојбата и ги координира активностите за заштита и помош. Од Општината апелираат на смиреност, трпение и внимателност, нагласувајќи дека ќе бидат искористени сите расположливи ресурси за справување со последиците од невремето.
Македонија
Во Гостивар две деца и нивната мајка останаа заробени во домот поради поплавите
Поради непрестајните врнежи и излевањето на реките, западниот дел на Македонија се наоѓа во вонредна состојба. Во Кичево, стотици семејства беа евакуирани додека водата ја проголта улицата „Прилепска“ и зафати делови од болницата. Во Гостивар, две деца и нивната мајка останаа заробени во домот, опкружени со бучавата на дивата вода, додека спасувачките екипи брзаа да стигнат навреме. Во Тетово и Скопје, поплавените патишта и подруми создадоа хаос, а надлежните апелираат на внимателност и трпение додека траат интервенциите.
Обилните врнежи од дожд во текот на ноќта и претпладнево предизвикаа воден хаос во Западна Македонија. Најкритично беше во Кичево – градот се најде под вода затоа што Зајашка Река се прелеа од своето корито и ја проголта улицата „Прилепска“, потопувајќи домови и доведувајќи ја во опасност болницата. Сопствениците на куќите гледаа како водата се качува до прозорите, а стравувајќи за сопствените животи. Во паника, надлежните успеаја да евакуираат околу 180 луѓе, кои сега се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Таму, меѓу треперење и страв, се делат ќебиња, душеци, храна и вода, додека спасувачите од Скопје работеа без престан да им помогнат на најпогодените.
– Поради настанатата кризна состојба предизвикана од поплавите, Општина Кичево ги има преземено сите максимални мерки и сите расположливи капацитети се целосно ставени во функција на терен. Во насока на побрзо и поефикасно справување со состојбата, побарана е дополнителна помош од Министерството за одбрана и од Министерството за животна средина. Дополнително, ангажирани се сите приватни компании кои располагаат со тешка механизација, со цел да се вклучат во интервенциите и расчистувањето на критичните точки. Упатуваме апел за смиреност, трпение и соработка до граѓаните. Се преземаат максимални напори за да се надмине оваа кризна ситуација и да се обезбеди навремена помош и безбедност за сите засегнати – изјавија од Општина Кичево.
Во Гостивар, драмата го достигна врвот – во селото Беловиште две деца и нивната мајка останаа заробени во нивниот дом, опкружени со бучавата на дивата вода. Тие изјавија дека сè се случувало брзо, а секундата им изгледала како вечност, додека ТППЕ и ОВР Гостивар трчале да ги спасат.
Во Тетово, дождот предизвика свлечиште кое го блокира патот кон селото Ѓермо, а снежните врнежи дополнително ја усложнуваат ситуацијата за сите патници и спасувачи. Поради снежни врнежи е воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси кон Попова Шапка. Иако водостојот на реките засега е стабилен, сообраќајот е сериозно попречен.
Ниту Скопје не е поштедено – низ приградските населби Идризово, Буковиќ, Зелениково и Радишани се пријавени поплавени дворови и подруми, а луѓето гледаа како водата ги уништува нивните поседи. Спасувачки екипи веднаш излегоа на терен да се борат со невремето и да ги санираат штетите.
Македонија
Обилните врнежи предизвикаа поплави во повеќе региони, во Кичево евакуирани околу 180 лица
Центарот за управување со кризи информира за состојбата по обилните врнежи од дожд заклучно со 12:30 часот, при што се регистрирани поплави и свлечишта во повеќе региони во државата.
Во кичевскиот регион, во текот на ноќта, обилните врнежи предизвикале излевање на Зајашка Река на улицата „Прилепска“ во Кичево, каде што се зафатени повеќе куќи. Евакуирани се околу 180 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.
Регистрирано е и заезерување на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, при што се поплавени подрумски простории во повеќе објекти, како и објекти на болницата во Кичево. На терен интервенираат екипи на ОВР Кичево, ЈП „Комуналец“ и други надлежни служби. Известени се градоначалникот на Општина Кичево и Дирекцијата за заштита и спасување.
Во 10:00 часот раководителот на РЦУК – Кичево одржал состанок во Општина Кичево, по што била организирана достава на храна и вода за евакуираните со помош на тимовите на Црвениот крст. Од Скопје се упатени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош.
Според досегашните информации, нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. Врнежите и понатаму се интензивни, а состојбата внимателно се следи.
Во скопскиот регион, во текот на претпладневните часови, преку бројот 112 се примени повеќе пријави од граѓани за поплавени дворни места во селото Идризово (Општина Гази Баба), поплавувања во селото Буковиќ (Општина Сарај), поплавено дворно место и подрум во селото Зелениково (Општина Зелениково), како и поплавено дворно место во населбата Радишани (Општина Бутел). Сите пријави се проследени до надлежните општини, извршен е увид на терен и се преземаат мерки за санирање на последиците.
Во тетовскиот регион, преку бројот 112 е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што патот е блокиран за сообраќај. Известени се РЦУК – Тетово, ЈКП Тетово и полицијата. Од 07:45 часот на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси поради врнежи од снег. Во однос на водостојот, засега нема зголемување на нивото на реките и не се очекува нивно излевање. Снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење е редовно.
Во гостиварскиот регион пријавени се поплавувања на куќи во селото Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница. Пријавен е и затрупан канал во селото Балиндол, при што се поплавени неколку куќи. Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени две деца и нивната мајка, за што веднаш биле известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар.
Поплавите се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот, а претставници од локалната самоуправа и Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и ја следат состојбата.

