Топ
Претставувајќи се како божји човек кој крши магии, скопјанец дошол до 400.000 евра од сопружници, барале помош за синот
Педесетчетиригодишен маж од селото Трубарево, скопско, е приведен поради сомнеж за измама, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 400.000 евра.
Според пријава поднесена во полицијата во Штип, од страна на Б.Д. (76) од Берово, во периодот од 2022 до 2025 година осомничениот Д.И. (54) со лажно прикажување на факти го довел во заблуда пријавителот и неговата сопруга М.Д. Притоа се претставувал како „Божји човек“ со наводни паранормални способности – бајач и истерувач на магии, тврдејќи дека над нивниот син е направена магија која го загрозува неговото здравје и живот.

Фото: МВР
Во тој контекст, оштетените во повеќе наврати на различни локации во Скопје и Берово му давале парични средства од 5.000 до 6.000 евра за помош, при што во вкупниот период пријавениот се стекнал со 400.000 евра.
По пријавата, полициски службеници од СВР Штип, во соработка со ОВР Берово, Одделот за криминалистичка полиција и СВР Скопје, а по насоки на јавен обвинител од ОЈО Кочани, спроведоа оперативни активности. Парите што оштетениот имал намера да му ги даде на осомничениот биле претходно крим-технички обработени.
Фото: МВР
На 4 јули во Берово биле приведени Д.И. и неговата мајка Д.И. (76). При претрес кај нив биле пронајдени 3.000 евра, како и други предмети поврзани со делото. По спроведените активности, против двете лица е поднесена кривична пријава и се изведени пред судија за претходна постапка во Основниот суд во Кочани.

Фото: МВР

Фото: МВР

Фото: МВР

Фото: МВР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.
Топ
Суспендирана полицајка од Кочани: се сомничи дека насилно внела колешка во возило и не ѝ дозволила да излезе
МВР поднесе кривична пријава против припадничка на полицијата од Кочани, поради сомнение за кривично дело „противправно лишување од слобода“, предвидено по член 140 став 1 од Кривичниот законик.
Пријавената Ј.Н., вработена во Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај во Кочани при СВР Штип, на 13 септември 2025 година, на место викано „Суитлак“ во Штип, се сретнала со женско лице – полицаец-приправник, исто така вработена во МВР, по што, според податоците на Одделот: „Насилно ја внела во возило ‘бмв’ со кое дошла на локацијата, ја удирала по телото и не ѝ дозволила да излезе, одземајќи ѝ ја слободата на движење.“
Со сторените дејствија, според внатрешната контрола, постои основано сомнение дека Ј.Н. го сторила горенаведеното кривично дело.
Дополнително, Одделот ќе поднесе и предлог за поведување дисциплинска постапка против пријавената, а како задолжителна мерка ќе изрече суспензија од работното место до завршување на постапката.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

