Црна хроника
Приведени двајца малолетници од Батинци кои ограбиле четворица таксисти
Скопската полиција приведе двајца малолетници од селото Батинци поради сомнение дека за помалку од десет дена со закани ограбиле четворица таксисти.
Како што информираат од МВР, првото кривично дело било извршено на 20 октомври во 2 часот по полноќ при што на 39-годишен таксист на улица „1“ бб во селото Батинци со закана му биле одземени пари.
Потоа, на 22 октомври во близина на месноста Јурија во нивното родно село, малолетниците ограбиле 53-годишен таксист од Скопје, така што откако едниот се симнал од возилото, другиот со закана ги одзел парите.
Третото кривично дело се случило на 24 октомври, кога малолетните деликвенти во село Батинци, над Дрисла, насилно одзеле пари и физички нападнале 57-годишен таксист.
Последното злодело разбојниците го извршиле на 29 октомври, на регионалниот пат Скопје – Козјак, во близина на угостителски објект, кога на 55-годишен таксист со закана му одзеле пари и лични предмети.
По преземени мерки, полицијата извршила претрес во домовите на Н.М.и В.Ш., родители на малолетниците, и одзеле предмети кои биле користени при извршување на разбојништвата.
Приведените малолетници, во присуство на родителите ги признале делата, а воедно извршено е и препознавање на сторителите од страна на оштетените таксисти.
По комплетно документирање на случајот, против двајцата разбојници ќе биде поднесена кривична пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Бил агресивен кон неговата сестра па нападнал полицајци: кривична пријава за 27-годишен тетовец
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(27) од Тетово.
Тој се сомничи за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Имено на 05.01.2026 пред угостителски објект, пријавениот агресивно се однесувал кон неговата сестра, а подоцна во угостителскиот објект физички нападнал полициски службеници кои вршеле службени дејствија.
Црна хроника
Измамена тетовка: платила за работна виза за Германија, останала без виза и без пари
Синоќа во 20:00 часот во СВР Тетово, 32-годишна жена од Тетово пријавила дека била измамена од едно лице од Тетово за сума од 3.000 евра.
Според пријавеното, во текот на 2024 година, таа се договорила со лицето да ѝ посредува за добивање работна виза за Германија и притоа парите му ги исплатила во неколку наврати.
Како што е пријавено, услугата не била извршена, а кога стапила во контакт со него и си ги побарала парите, започнал расправија, а подоцна бил недостапен.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти полицијата.
Црна хроника
Четворица приведени за пожарот на „ланд роверот“ во Струмица, при претреси пронајдена дрога
Полицијата ги приведе Д.Г. (19) од селото Секирник, Р.П. (38) од село Владевци, А.Т. (26) од село Еднокуќево и К.Г. (19) од Струмица, поради сомнение дека се можни сторители на кривично дело поврзано со пожар на паркирано возило „ланд ровер“, пријавен во Струмица, соопшти МВР.
На 22 февруари, врз основа на судски наредби, извршени се претреси во домовите на Р.П., А.Т. и К.Г. При претресот во домот на Р.П. биле пронајдени остатоци од марихуана, во домот на А.Т. била пронајдена кафеава грутчеста материја за која изјавил дека е хашиш, додека кај К.Г. биле пронајдени делови од облека за кои постои сомнение дека ги носел при извршување на делото, сооппти МВР.
За преземените мерки е известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

