Црна хроника
Приведен поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа, за примање поткуп од 50.000 евра за да влијае кај судија
Полициски службеници по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција го лишија од слобода поранешниот државен правобранител Фехми Стафа поради сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Според МВР, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, Стафа примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето влијание кај судија во Апелациониот суд Скопје за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈО ГОКК води постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството.
На 6 октомври 2025 година примил 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13 декември 2025 година побарал и примил уште 20.000 евра.
Непосредно по примањето на вториот износ, Стафа бил лишен од слобода, а кај него биле пронајдени парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради сите околности што упатуваат на опасност од бегство, можност да изврши нови кривични дела или да влијае на постапката.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од 2018 до 2022 година, кога беше разрешен. Во последниот период работеше како адвокат и беше меѓу кандидатите на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.
Црна хроника
Возач на комбе не забележал човек зад возилото, го удрил и тешко го повредил
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 30 јануари 2026 година, околу 16:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на објект во изградба на подрачјето на Ѓорче Петров се случила несреќа со тешки последици.
Според пријавата, М.Д., управувајќи товарно возило – комбе, при движење наназад не го забележал Д.З. (51) од Скопје, кој се наоѓал покрај ограда зад возилото, при што го удрил. Повредениот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

