Црна хроника
Притвор за двајца разбојници што киднапирале тетовец и за него барале откуп од 20.000 евра
Тетовското Основно јавно обвинителство донесе наредба за истражна постапка против две лица за сторено кривично дело изнуда. Како што информираат оттаму, настанот се случил вечерта на 16 август во период од 21.23 до 00.01 часот по полноќ во стан на осмиот кат од зграда во Тетово.
Оштетениот бил повикан од лице што живеело во станот и кога влегол внатре, лицето излегло од станот и ја заклучило вратата. Тогаш од друга соба излегле две лица и му се заканиле за животот на оштетениот барајќи му сума од 20.000 евра.
Исплашен за својот живот, оштетениот се јавил на својот син и му кажал дека е киднапиран. Вечерта во неколку наврати двајцата разбојници се јавувале на синот на жртвата барајќи ја наведената сума. Кога синот рекол дека ги обезбедил парите, се договорил со осомничените да се најдат пред бензинска пумпа, но тој не отишол на наведеното место, туку настанот го пријавил во полиција.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Тетово доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судијата го прифатил предлогот на Обвинителството и со решение им изрекол мерка притвор на осомничените лица во времетраење од 30 дена.
За третото лице, кое сторило кривично дело противправно лишување од слобода, Обвинителството ќе донесе мериторна одлука по спроведување на истражната постапка во фаза на поведување обвинение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

