Топ
Пукање среде бел ден во угостителски објект во Чаир, маж застрелан во ногата

Маж бил застрелан во ногата во угостителски објект вчера на пладне во скопската населба Чаир.
„Полицијата го приведе А.К.(36) од Скопје, постапувајќи по пријава дека вчера околу 14 часот во угостителски објект на улицата Ќемал Сејфула пукал во Е.С. и му нанел повреда во ногата“, објави МВР.
Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скопските лихвари им ги одземале имотите на оние кои не можеле да ја вратат позајмицата, каматата била и до 15 отсто месечно

Полицијата спроведе координирана акција на повеќе локации низ Скопје и приведе 11 лица осомничени за лихварство и перење пари, а уште едно лице, Б.К. (35), е недостапно за органите на прогонот.
Според истрагата, групата делувала од почетокот на 2022 година, организирана со јасна структура и улоги меѓу членовите. Деветмина од осомничените се сомничат дека давале пари на заем со незаконски високи камати, кои се движеле од 5 до 15 проценти месечно, а за секое задоцнување каматата дополнително се зголемувала.
Тие, како што наведува истрагата, ја искористувале тешката финансиска состојба на граѓани, барајќи од оштетените не само да ги вратат парите со камата, туку и да го предадат или заложат имотот што го поседуваат. Кога не можеле да ја исплатат позајмицата, жртвите биле принудувани да ги пренесат своите станови или деловни простории на имиња на осомничените.
Наплатата се вршела директно во готовина или преку банкарски сметки, односно средствата се уплатувале од сметки на оштетените на сметки на лицата вклучени во шемата.
Парите што биле прибрани на овој начин подоцна биле „испрани“ преку банки, сефови и фиктивни трансакции. Дел од средствата биле користени за куповина на недвижен и движен имот, а друг дел за финансирање на луксузен начин на живот.
Истрагата на Обвинителството и МВР утврдила дека осомничените се стекнале со противправна корист во висина од 125 милиони денари – сума добиена преку незаконското лихварство.
Против сите е поднесена кривична пријава за „лихварство“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“, а полициските тимови продолжуваат со активности за пронаоѓање на недостапниот Б.К. (35).
Македонија
Николоски: Потпишавме меѓудржавен Договор за авиосообраќај, создаваме услови за нови линии и бројни туристи од Велика Британија

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и Киер Метер, министер за воздухопловство, поморство и декарбонизација, во Лондон го потпишаа Договорот за редовен воздушен сообраќај помеѓу Македонија и Велика Британија.
Договорот ја отвора можноста за воспоставување на нови директни авиолинии меѓу двете земји, а со тоа и зголемување на бројот на туристи од Велика Британија.
Овој Договор се потпиша на иницијатива на Велика Британија и претставува нова правна рамка со која се уредуваат односите во делот на редовниот воздушен сообраќај помеѓу двете земји.
Како што истакнаа двајцата министри, преку Договорот се овозможува поголема слобода и флексибилност на авиокомпаниите, ефикасно работење и нови услуги, додека за патниците се овозможуваат подобри конекции, нови дестинации и конкуретни цени.
Вицепремиерот Николоски по потпишувањето потенцираше дека Македонија има огромен раст во авиосообраќајот во последната година и претставува сериозна конкуретна земја во регионот, а тоа се должи пред се на спроведување на политиките на Владата за развој на цивилниот воздушен сообраќај. Додаде и дека домашните аеродроми имаат огромен потенцијал да опслужат нови авиокомпании и патници.
Со Договорот се уредува и интермодалниот превоз што е особено важен дел во карго транспорот, а исто така се постигнува и висок степен на заштита и безбедност на авиокомпаниите и патниците утвредни преку ИКАО стандардите.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Го зголемивмe бројот на советници за 82 во однос на претходните избори

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори соопшти дека со освоените 550 советнички места низ целата држава и градот Скопје, како и над 300 илјади гласови, ја потврдила довербата од граѓаните.
Од партијата наведуваат дека имаат раст од 82 советнички места, односно за 17,5 проценти повеќе во однос на претходните локални избори.
„Од другата страна, опозицијата предводена од СДС освои околу 230 советници, што е за 166 помалку од минатите избори или за 42 проценти помалку места во советите. СДС има и значително намалување на гласовите, со освоени околу 126.000 гласа, што е за 111.000 помалку од локалните избори во 2021 година“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека резултатите се должат на големиот број реализирани проекти на локалните самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои градинки, училишта, здравствени домови, пазари, канализациски мрежи, субвенции за инвертер клими, велосипеди, електрични тротинети и финансиска поддршка за социјално ранливи категории.
„Ова е одличен стимул дека сме на прав пат и дека треба да продолжиме со работа за граѓаните. Затоа е важно на 2 ноември граѓаните повторно масовно да излезат и да го заокружат бројот 9“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.