Топ
Пaраглајдеристи од Украина повредени при пад на Галичица
Двајца параглајдеристи од Украина се повредени при несреќа која што се случила попладнево околу 15 часот на планината Галичица. Според првичните информации тие изгубиле контрола додека летале во неповолни услови и паднале во близина на македонско-албанската граница.
Од МВР велат дека несреќата се случила на падините на Галичица, но на албанската страна поради што наши екипи во координација со албанските колеги се упатиле на пребарување на теренот, во обид да ги пронајдат.
Каkо што дознаваме од полициски извори, двајцата параглајдеристи полеталe на македонска територија, иако и покрај топлото време имало и силен ветер. Но, тие сепак одлучиле да полетаат иако им било укажано да не ризикуваат.
Што се слушувало конкретно за време на летот не е познато. Претпоставките на полицијата се дека тие изгубиле контрола во тек на летот и заминале на албанска територија.
Мажот и жената од Украина паднале на 500 метри на албанска територија во близина на македонско – албанската граница.
Известени се спасувачките екипи, планинските тимови за спасување, граничната полиција и тие стапиле во контакт со пограничните служби во Албанија. Првичната информација е дека едниот е полесно, а другиот потешко повреден.
Акцијата на нивно извлекување е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Фото/видео) Руски беспилотни летала го нападнаа Киев, две жени повредени, неколку станбени згради оштетени
Две лица се повредени во руски напад што беше извршен синоќа со беспилотни летала врз Киев. Остатоци од беспилотните летала предизвикаа штета на станбени згради и автомобили во неколку градски области, објави Националната полиција на Украина.
Според првичните информации, пријавен е пожар и едно лице е повредено.
Полицијата објави дека во областа Соломијански, остатоците од беспилотното летало ги оштетиле фасадите и ги скршиле прозорците на четири повеќекатници.
„79-годишна жена е повредена и однесена во болница. 89-годишна жена е хоспитализирана на местото на настанот“, се вели во соопштението.
Во областа Дарницки, остатоци од беспилотно летало ја оштетиле фасадата на станбена зграда.
На паркинг во областа Оболонски, два автомобила се запалиле откако паднале остатоци од беспилотно летало.
Дрон удри во покривот на деловна зграда во Шевченковскиот округ. Пожарот што произлезе од него е изгаснат.
„Истражните и оперативните тимови, деминерите и службите за итни случаи работат на местото на настанот. Полицијата ги документира последиците од руските воени злосторства“, соопшти полицијата.
Свет
Поранешен британски министер под истрага поради Епстин, Стармер: Нè излажа повеќе пати
Британскиот премиер Кир Стармер изрази жалење за назначувањето на Питер Манделсон за амбасадор на Велика Британија во Вашингтон, велејќи дека ветеранот од Лабуристичката партија повеќе пати лажел за своите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Стармер попушти под притисокот од опозициската Конзервативна партија, како и од делови од неговата Лабуристичка партија, и се согласи да објави документи поврзани со назначувањето на Манделсон за амбасадорска функција во 2024 година.
Манделсон, поранешен министер во лабуристичката влада пред повеќе од 15 години, поднесе оставка од Домот на лордовите во вторник поради неговите врски со Епстин и сега е под полициска истрага за наводна злоупотреба на службената должност.
Документите објавени од Министерството за правда на САД минатата недела вклучуваат пораки што сугерираат дека Манделсон му испраќал доверливи владини документи на Епстин и дека бил платен за тоа.

Манделсон изјави дека не се сеќава дека примил пари, но сè уште јавно не коментирал за наводите за доставување доверливи материјали, ниту пак одговори на медиумските прашања.
Стармер се бранеше тврдејќи дека дејствувал брзо, одземајќи му ги сите титули и должности на Манделсон, обвинувајќи го за предавство на националните интереси на Обединетото Кралство.
Сепак, објаснувањето на премиерот за тоа како е назначен Манделсон не ја смири опозицијата, која отворено го доведе во прашање политичкото расудување на Стармер, како и улогата на неговиот најблизок советник Морган МекСвини.
Аферата предизвика незадоволство и во рамките на Лабуристичката партија, каде што пратениците се сè повеќе фрустрирани од серијата непријатни политички пресврти што ја погодија владата на Стармер.
Свет
Гутереш: Истекот на договорот „Нов СТАРТ“ е сериозен момент за глобалната безбедност
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, оцени дека истекот на договорот „Нов СТАРТ“ е сериозен момент за меѓународниот мир и безбедност и ги повика Русија и САД без одложување да започнат преговори за нова рамка за контрола на нуклеарното оружје.
Договорот „Нов СТАРТ“, кој истече на полноќ во среда, го ограничи бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што Русија и САД можеа да ги распоредат, како и бројот на ракети и бомбардери базирани од копно и подморница, дизајнирани да ги испорачаат.
„За прв пат по повеќе од половина век, се соочуваме со свет без никакви обврзувачки ограничувања за стратешките нуклеарни арсенали на Руската Федерација и Соединетите Американски Држави, двете држави кои поседуваат огромно мнозинство од глобалниот нуклеарен арсенал“, рече Гутереш во соопштението.
Тој предупреди дека разоткривањето на децениските достигнувања во контролата на оружјето се случува во време кога, рече тој, ризикот од употреба на нуклеарно оружје е највисок во последните децении.
Во исто време, тој нагласи дека постои можност за „ресетирање“ и создавање режим на контрола на оружјето прилагоден на променливата глобална средина и ги поздрави изјавите на лидерите на Русија и САД за потребата да се спречи враќањето на неконтролираното ширење на нуклеарното оружје во светот.
„Светот сега гледа кон Русија и САД да ги претворат зборовите во дела“, рече Гутереш, повикувајќи ги двете земји без одложување да се вратат на преговарачката маса и да се договорат за договор-наследник што ќе ги врати проверливите граници, ќе ги намали ризиците и ќе ја зајакне заедничката безбедност.

