Топ
Разбојништво во маркет во Скопје: крадецот ѝ извадил нож на касиерката, таа се обидела да го затвори во продавницата
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 47-годишник за кого постои основано сомневање дека сторил кривично дело разбојништво.
На 4 септември осомничениот влегол во маркет на булеварот АСНОМ и веднаш се упатил во просторот кај касата и ја отворил. Сопственичката на продавницата, која работела и како продавач, му се спротивставила, но тој извадил нож со кој ѝ се заканил, ја оттурнал и од касата одзел 16.300 денари колку што имало во тој момент.
Оштетената во меѓувреме излегла од продавницата и ја затворила вратата обидувајќи се да го задржи во продавницата, но тој со сила ја турнал вратата, успеал да ја отвори и избегал од местото.
Бидејќи се исполнети законските услови, односно постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.

