Топ
Родители од Скопје го принудувале детето да дава сексуални услуги
По претходно донесена наредба за истрага од страна на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на 29 ноември биле издадени судски наредби за приведување три лица поради сомнение дека се сторители на кривични дела трговија со дете и родосквернавење.
Како што информираат од МВР, полицијата презела мерки, при што лишени од слобода се три лица, и тоа родителите на детето Ш. А. (48) и Н. А. (41), како и А. К. (61), корисник на сексуални активности од дете што не наполнило 14 години, тројцата од Скопје.
Од Овинителството, пак, даваат дополнителни детали според кои првоосомничениот – татко на шест деца, од кои три малолетни девојчиња, искористувајќи исти услови, во подолг временски период извршувал обљуба со една од своите малолетни ќерки.
Во исто време второосомничената, злоупотребувајќи ја својата положба, како мајка на детето што не наполнило 14 години, го подведувала девојчето да врши полови дејства за паричен надомест со третоосомничениот.
Таа му го носела девојчето на третоосомничениот во неговата куќа и за паричен надомест од 2.000 денари, а понекогаш по 500 денари, ја принудувала да се соблекува и да има сексуални односи со него. Доколку детето одбиело, мајката употребувала физичка сила.
Дополнително, првоосомничениот, злоупотребувајќи ја својата положба како татко, ја продал својата ќерка на маж од Косово, кој го пронашол преку интернет. Кога бил исплатен паричен надомест од 3.000 евра, девојчето било однесено во Косово заради склучување присилен брак. По два месеца, тоа дошло на гости кај своите родители, а првоосомничениот со оправдување дека било многу далеку, не ја вратил во Косово и продолжил да врши обљуба врз својата малолетна ќерка.
Во текот на денот тројцата биле изнесени пред судија на претходна постапка, кој им одредил притвор во траење од 30 дена.
Поради фактот што Ш. А. и Н. А. се во брачна заедница, од која имаат малолетни деца, ангажирани се претставници од ЈУМЦСР Скопје (ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи) за соодветно згрижување на децата.
За кривичните дела за кои се товарат осомничените е предвидена казна затвор во траење од најмалку 10 години, односно 12 години за дејствата за кои се товари третоосомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со букет цвеќе Ѓорѓиевски ја испрати Арсовска и ја презема градоначалничката функција
Со куса средба и букет свежо цвеќе заврши примопредавањето на должноста градоначалник на Град Скопје меѓу досегашната градоначалничка Данела Арсовска и новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски и подари букет со свежо цвеќе на Арсовска.
Претходно, тој од Градската изборна комисија на Скопје го доби уверението дека е избран за прв човек на македонската метропола. Данела Арсовска денеска го заврши својот четиригодишен мандат за кој беше избрана во 2021 година.
Македонија
Јаневска ќе ја почитува одлуката на Мицкоски доколку реши да ја смени
Министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање, дали доколку има реконструкција на владата таа ќе остане да раководи со ресорот образование или ќе оди во друг ресор, изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот Мицкоски.
Јаневска посочи дека одлуката за сите предлози за членови во Владата ја носи премиерот заедно со партиските органи.
Премиерот, додаде таа, го носи најголемиот товар за промените во државава и има право да одлучува за министрите.
„На ова прашање веќе неколку пати сум одговарала и ќе повторам. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, полно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, кажа Јаневска.
Македонија
(Видео) Мицкоски ќе ја реконструира партијата, па потоа Владата: Фокусирани сме на партискиот конгрес на 6 декември
Реконструкција на Владата нема да има пред партискиот конгрес на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, кој е закажан за 6 декември. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека откога ќе ја стокми партијата, ќе почне да размислува за одредени партиски поместувања во Владата, а набргу ги очекува и новите имиња за испразнетите места во Владата и во институциите по изборите.
„Очекувам за испразнетите места да добијам имиња најбргу што може, да видиме дали тие имиња се апсолутно во рамките на кои очекувам да бидат и тие имиња да ги пополнат испразнетите места во Владата и во институциите. Потоа ќе следува партискиот конгрес, редовен, потоа во рамките на партијата реконструкција и паралелно со тоа ќе почнат размислувањата за одредени ресори, институции и така натаму. Ова ќе биде процес што ќе трае, нема да биде од денес за утре“, рече премиерот Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник за нов културен дом во Петровец.
Премиерот денес неколкупати повтори дека тој е мандатар и дека неговата одлука ќе биде последна и посочи дека е подготвен да разговара со сите во рамките на коалицијата откога завршат процесите во партијата.
„Сега сме фокусирани на редовниот конгрес, кој ќе биде на 6 декември во Кавадарци. Потоа, нормално, формирање на партиската структура, извршниот комитет, општинските комитети, другите структури, кои се во рамките на партијата, и во меѓувреме додека сето тоа трае, ќе размислуваме за одредени партиски поместувања во рамките на Владата. Јас сум подготвен да разговарам со секого во рамките на коалицијата, но, се разбира, мандатар сум јас. Нормално е дека последниот збор ќе го имам јас“, рече премиерот Мицкоски.
За Беким Сали, кого „Вреди“ веќе го посочи како кандидат за вицепремиерското место наместо Изет Меџити, Мицкоски рече дека има апсолутно високо мислење.

