Топ
Родител пријавил наставничка дека натепала повеќе ученички во соблекувална во скопско училиште

Родител пријавил во МВР напад извршен од страна наставничка во скопско основно училиште.
Според пријавата, таа во текот на вчерашниот ден, во соблекувална во училиштето кое се наоѓа на Бит Пазар, за време на час по физичко воспитување, ја нападнала неговата ќерка и неколку нејзини соученички.
Меѓудругото, во пријавата се наведува и дека наставничката зад која стојат иницијалите Е.Ј. употребила и дрвен предмет.
Од полицијата преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мир преку разговор во Украина, решение „две држави“ за Израел и Палестина – Мицкоски и Ердоган разговарале и за глобалните предизвици

За Северна Македонија и Турција клучно е конфликтот во Украина да се реши по пат на разговори. За ситуацијата во Палестина двете земји споделуваат ист став, а тоа е преку формирање на две држави. Ова го истакна турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган за време на заедничката прес-конфренеција со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во Турција.
Ердоган потсети и дека Турција е една од првите земји што ја признаа независноста на Македонија, и ја потенцира важноста на турската заедница во нашата држава за одржувањето на блиски односи меѓу двете држави.
„Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот мост во Скопје“, истакна Ердоган.
Претседателот заклучи и дека Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција помеѓу народите. Напротив, треба да биде поле за заедничка соработка и за развој.
И Мицкоски ги потврди добрите односи меѓу двата народа, а за Ердоган рече дека во него гледа голем поддржувач и пријател.
Мицкоски и Ердоган потпишаа декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Советот, како што беше истакнато, ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.
Македонија
Мицкоски и Ердоган во Турција договорија основање на Совет за соработка на високо ниво

Советот за соработка на високо ниво е значаен чекор за односите меѓу двете држави чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој се наоѓа во прва официјална посета на Турција, кадешто задно со турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган ја потпишаа заедничката политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво.
Во таа насока Мицкоски образложи дека основите на декларацијата се содржани во самиот темелен документ наречен „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција”, потпишан уште во 2008 година.
„Со цел да го развиеме стратешкото партнерство, донесовме одлука за основање Совет за соработка на високо ниво којшто во самиот документ носи наслов „Совет“, чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес на билатерално, регионално и глобално ниво. Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји. Ваквата стратегија ќе претставува основа за развој на соработката во овие области, а Советот ќе го поттикнува нејзиното спроведување“, изјави Мицкоски.
Средбата со турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, премиерот ја оцени како исклучително значајна и конструктивна – потврда на традиционалното пријателство, силното партнерство и стратешката соработка меѓу нашите две земји.
На средбата станало збор за продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена.
„Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар. Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат кај нас, во делот на патната и железничката инфраструктура, а од друга страна неодамна и како што објавивме имаме соработка во делот на енергетиката со значајна и голема турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни гасни централи, топловодна и гасна мрежа во висина од би рекол до една милијарда долари“, рече Мицкоски.
Дополнително, на средбата станало збор и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството.
Двете земји се сојузници во НАТО, а нашиот заеднички приоритет е стабилноста и безбедноста во регионот“, рече Мицкоски.
Економија
Од 1 март поскапува парното

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која од 1 март цената за потрошувачите на топлинска енергија за „ЕСМ енергетика“ (5,17 %) и „Скопје Север – Енерџи еколинк“ (5,25 %) ќе се зголемат речиси 5 отсто.
„Кога ја соопштивме цената за најголемиот систем преку кој со парно се снабдуваат над 95 % од домаќинства, најавивме дека и овие две компании имаат поднесено барање за корекција на цената. Познато е дека поради комплексните геополитички случувања цената на природниот гас на светките берзи е зголемена, поточно во последниот квартал од минатата година имама раст од 16 %, што е и главна причина и за оваа одлука. Овие две компании доставија барање за корекција на цената во текот на февруари по што РКЕ изврши соодветни анализи и врз основ на тоа донесе одлуки за корекција на цената за потрошувачите на топлинска енергија за ‘ЕСМ енергетика’ и ‘Скопје Север – Енерџи еколинк’, која ќе стапи во сила од 1 март. Станува збор за вкупен конзум од 2.500 потрошувачи“, посочи Марко Бислимоски.
Во исто време РКЕ ја информира јавноста дека на главна седница е донесена одлука за издавање две лиценци за вршење енергетска дејност за регулирано производство и снабдување со топлинска енергија на „Енерџи еколинк“ АД Скопје, а постапката за издавање лиценца за дистрибуција е во тек.
„Станува збор за топланата позната во јавноста како ‘Скопје Север’, која од неодамна ја презема приватен инвеститор и тој ја почна постапката за конечно лиценцирање на компанијата што извршува јавна дејност повеќе од 20 години. РКЕ останува на ставот дека секоја реализација на инвестициите што значи подобрување на квалитетот на снабдување и ширење мрежа со цел зголемување на конзумот е со безрезервна поддршка, особено што станува збор за еколошки и најекономичен начин на затоплување, што се одразува врз сметките за парно, кои се најниски. Анализите покажуваат дека доколку сите исклучени од парно повторно се приклучат на системот, сметките ќе се намалат речиси 10 %“, посочи Марко Бислимоски.