Црна хроника
Се судрија два автомобили кај Миравци, од едниот по ударот излегле мигранти – полицијата на терен
Вчера на автопатот Демир Капија – Гевгелија, во близина на клучка Миравци, полицијата го приведе Т.П.(38) од Скопје затоа што со возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки превезувал пет лица мигранти од Народна Република Кина.
„Околу 13.10 часот било пријавено дека во близина на клучка Миравци се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „цитроен берлинго“ со велешки регистарски ознаки, управувано од Р.Д.(70) од Валандово и патничко возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.П., од кое по незгодата излегле мигрантите“, објави МВР.
Со телесни повреди се здобиле возачот Р.Д. и Ѓ.М., сопатник во неговото возило, констатирани во Општа болница Гевгелија. Полициски службеници на местото го затекнале Т.П., а по пребарување на теренот ги пронашле мигрантите, за кои по извршени проверки било утврдено дека илегално влегле и престојувале во државата. Т.П. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

