Топ
Скопјанец ги претепал своите родители оти не добил пари за роденден

Скопското обвинителство поведе постапка против 49-годишник кој ги претепал своите родители.
Како што соопшти Обвинителството, настанот се случил во семејниот дом на улицата „Њуделхиска“, на 18 март.
„Манифестирајќи агресивно однесување затоа што не добил парични средства за роденден, тој започнал со клоци да удира на вратата од собата на неговите родители и насилно влегол внатре. Најпрвин го нападнал неговиот татко, удирајќи го со тупаници по главата и кубејќи му еден прамен од косата. Потоа со употреба на физичка сила ја нападнал и сопствената мајка, која пристапила во одбрана на сопругот, удирајќи ја со клоци во главата и во левиот колк. Од ударите двајцата родители се здобиле со телесни повреди“, соопшти Обвинителството.
Во конкретниот случај постои опасност од криење и бегство, како и можност осомничениот да го повтори делото, па надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште еден земјотрес синоќа почувствуван во Охрид и Струга

Земјотрес со јачина од 2,5 степени според Рихтер синоќа по полноќ го погоди охридскиот регион.
Потресот е регистриран во 00 часот и 48 минути, а потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга.
Според досегашните податоци со кои располага сеизмолошката опсерваторија, земјотресот е почувствуван во Охрид, Струга и блиската околина со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам – Сиљановска-Давкова во Тирана за проширувањето на ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана и посочи дека во услови на драматични геополитички промени, со сè помалку мултилатерализам и сè повеќе мултиполарност, со војна на тлото на Европа – интеграцијата е неодложен геополитички и безбедносен императив за Европската Унија.
Таа нагласи дека е особено важна одговорноста на земјите членки од регионот коишто треба да бидат двигатели на проширувањето, а не извор на блокади што го поткопуваат кредибилитетот на Унијата.
Укажувајќи дека треба да се унапреди регионалната соработка и да се фокусираме на клучните проблеми – од одливот на мозоци до климатските промени, претседателката рече дека регионот мора проактивно да се поддржува за да не бидеме сведени на геополитичка и геоекономска периферија.
Сиљановска-Давкова додаде дека ни треба подобрена инфраструктурна, енергетска и дигитална поврзаност со цел регионот да биде поконкурентен на поширокиот европски и глобален пазар.
Упатувајќи благодарност за регионалната солидарност изразена преку несебичната нега на повредените во трагичниот пожар во Кочани, таа истакна дека со отворањето на здравствените установи за повредените македонски граѓани, како и со активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, се манифестираше искрено пријателство, соседска грижа и хуманост во еден од најтрагичните современи настани за државава.
Таа посочи дека патот на европската иднина води преку соработката и солидарноста, но истакна дека тој пат не е без пречки: сериозна препрека произлегува од старите предрасуди во некои европски центри кои сè уште гледаат на Балканот како на нестабилна периферија, составена од држави заглавени во конфликти, самоблокади и меѓусебни саботажи.
Истакнувајќи дека уште посериозна препрека е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам, таа оцени: овие постапки не само што го забавуваат процесот на евроинтеграцијата, туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа.
Нагласувајќи дека кандидатите за членство, наместо солидарност и фер процес, сѐ почесто се соочуваат со опструкции поради билатерални прашања, претседателката оцени дека наместо европеизација на Балканот – сведоци сме на опасен тренд на балканизација на Европската Унија и истакна дека ова мора да се смени и тоа за доброто на сите.
Свет
Трамп: Иран требаше порано да преговара

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп на прес-конференција за време на самитот на Г7 во Канада рече дека Иран сака да ги намали тензиите во конфликтот со Израел, но дека можеби е предоцна за преговори.
На прашањето на новинарите дали видел или примил пораки преку посредници дека Иран сака да деескалира, Трамп одговори: „Да, тие сакаат да разговараат, но тоа требало да го направат порано. Иран не победува во оваа војна“.
Трамп се појави пред медиумите заедно со канадскиот премиер Марк Карни. Во своето обраќање тој рече дека Иран покажува интерес за преговори и смирување на конфликтот со Израел, кој го опиша како „болен за двете страни“.
„Треба да почнеме да разговараме сега, пред да биде предоцна“, рече Трамп.
Запрашан што би ја разгорело можноста за вмешаност на американската војска, Трамп одговори кратко: „Не сакам да зборувам за тоа“.