Црна хроника
Скопјанец осомничен за две тешки кражби
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 53-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил две кривични дела тешка кражба по член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство.
Осомничениот на 29.12.2021 година, во Градскиот трговски центар, на дрзок начин одзел еден женски паричник, во кој имало парични средства во износ од 100 денари, лична карта, здравствена картичка и неколку банкарски картички. Тој го искористил невниманието на оштетената и моментот во движење кога ги ставала своите купени производи во кеса, се движел до неа и се доближил, па со протнување на раката во левиот џеб на јакната, го зел паричникот. Без да биде забележан го напуштил местото на настанот, а во текот на денот, во неколку наврати, од два банкомати, со одземените кредитни и дебитни картички успеал да извади и да земе парични средства во износ од 63.000 денари.
На 4.2.2022 година, на автобуската станица пред зградата на МАНУ, на дрзок начин одзел еден мобилен телефон во вредност од 20.000 денари. Тој го искористил невниманието на оштетената и толпата патници кои влегувале во автобусот и во моментот кога оштетната го ставила мобилниот телефон во десниот џеб од својата јакна, осомничениот се втурнал во нејзина близина на скалите при влезот во автобусот, со раката го извлекол и зел мобилниот телефон од џебот, со намера противправно да го присвои. Потоа веднаш се симнал од автобусот, се свртел и почнал да се движи по тротоарот, но бил забележан и задржан од полициски службеници, лишен од слобода и спроведен во полициска станица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Со измами за лажни сообраќајки, охриѓанец „заработил“ 3,6 милиони денари, полицијата го уапси
Полицијата расчисти девет сторени кривични дела измама за лажни сообраќајни незгоди, охриѓанец заврши во притвор, жртвите ги оштетил за 3.600.000 денари.
Полицијата вчера го уапси П.С.(38) од Охрид. По извршен службен разговор П.С. појаснил за начинот, местото и времето на извршување на девет кривични дела од кои шест во Штип и три во Виница при што пријавителите се оштетени за околу 3.600.000 денари. Тој се јавувал на повозрасни лица и лажел дека нивни блиски направиле сообраќајки и им барал пари.
На измамникот му е одреден притвор.
Црна хроника
Бил агресивен и искршил куќна ограда: уапсен маж од Струшко
Синоќа во 21 часот, во струшкото село Радожда, лишен од слобода е К.С.(33) од истото село.
Тој бил пријавен дека го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон М.М. и неговото семејство и извршил оштетување на нивната куќна ограда.
Полицијата соопшти дека по целосно документирање на настанот, против него, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Претрес во Кавадарци, пронајдено оружје и муниција, уапсено едно лице
Вчера вечер во 22:00 часот, во Кавадарци, полициски службеници го уапсија А.М.(38) од Кавадарци. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба од Основен суд Кавадарци, биле пронајдени и одземени гасен пиштол, рамка со куршум, воздушен пиштол, два револвери и 58 куршуми 9 мм, кои ги поседувал без соодветна документација.
Тој бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

