Топ
Со експлозивна направа оштетени неколку дуќани во Скопје

Рано утрово, во 4 часот, бил пријавен инцидент што се случил на улицата Методија Митевски во Скопје.
Како што соопшти МВР, со експлозивна направа оштетени биле стакла од неколку дуќани.
Од полицијата засега велат дека нема повредени лица и се работи на расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во чест на загинатите во Пулс во Кочани се возеа велосипеди

Над 300 велосипедисти, рекреативци, спортисти и граѓани учествуваа на велосипедската тура „По патеката на оризот“ во чест на трагично загинатите во клубот Пулс, што заеднички ја организираа нивните семејства и Општина Кочани.
Учесниците, меѓу кои имаше деца и родители на жртвите, возеа на кружна патека во должина од 15 километри во правец на селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог, а на местото на трагедијата им беше оддадена едноминутна почит на настраданите.
-Заедно возиме велосипеди во чест на нашите трагично загинати деца и потсетуваме дека на 4 мај 1903 година во борба загина Гоце Делчев и животот го даде за Македонија да биде слободна. Денеска, на 4 мај 2025 година Македонија е заробена држава, заробена на авторитет што е сконцентриран во еден центар на моќ. Без контрола и баланс, ни го донесе педесеттиот ден од нашата болка, празнина, тежина и само тишина и молк. Кочани е во жалост, имаме колективна траума и тага, нема некој што не е допрен од трагедијата и бараме начин да искажеме почит кон трагично починатите, истакнаа во обраќањето родителите на настраданите.
Родителите упатија прашање дали треба да се случуваат трагедии за да си подадеме рака и да се сплотиме, да дадеме поддршка и заедно да се молиме за побрзо оздравување на повредените. Порачаа дека нема да се откажат од борбата да го добијат одговорот за виновниците за трагедијата, заради правда за загинатите.
Во организацијата на велосипедската тура придонес дадоа и волонтерите од Црвен крст, членовите на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво, како и вработени во Полициската станица и Општата болница од Кочани.
Македонија
Сиљановска Давкова: Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска положи цвеќе во црквата „Св. Спас“ по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, но и на својот фејсбук профил искажа почит кон македонскиот револуционер.
Како што наведува Сиљановска Давкова, Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина.
-Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“.
Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи. Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава. Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина, пишува претседателката.
Регион
Тајната на Тито која никој никогаш не ја разјасни

На денешен ден, пред 45 години, почина Јосип Броз Тито, доживотен претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Сојузот на комунистите на Југославија, маршал и врховен командант на вооружените сили, кој владееше со Југославија 35 години.
Поминаа 45 години од смртта на Тито, но многу граѓани на поранешна СФРЈ сè уште го посетуваат неговиот гроб во Куќата на цвеќето во Дедиње, Белград, каде пред десет години беше погребана и неговата сопруга Јованка. Датумот на смртта на Тито се совпаѓа со почетокот на економската криза во СФРЈ.
Тито се разболел на 88-годишна возраст, но тоа не го спречило да учествува на Самитот на неврзаните во Хавана во 1979 година. Новата 1980 година ја дочека во Караѓорѓево, но не издржа, па седејќи им честиташе на народот на Југославија. Три дена подоцна бил примен во Клиничкиот центар во Љубљана поради затнување на феморалните и поплитеалните артерии, а на 20 јануари му била ампутирана левата нога, додека во февруари му откажале бубрезите, а потоа добил проблеми со срцето и белите дробови. Починал на 4 мај 1980 година во 15:05 часот.
Во 18 часот и 50 минути сите ТВ екрани беа затемнети 30 секунди, а потоа спикерот Миодраг Здравковиќ со насолзени очи рече: „Другарот Тито е мртов“.
На погребот на Јосип Броз Тито во Белград присуствуваа повеќе од 200 истакнати личности од целиот свет, меѓу кои претседателот на СССР Леонид Брежњев, канцеларот на тогашна Западна Германија Хелмут Шмит, лидерот на ГДР Ерих Хонекер и британската премиерка Маргарет Тачер. Тито беше погребан под ритамот на Интернационалата и југословенската национална химна, а сирените одекнаа во градовите и пристаништата низ земјата.Десет години подоцна, поранешна Југославија беше сцена на граѓански војни, по отцепувањето на поранешните југословенски републики, прво на Словенија, а потоа и на Хрватска и Босна и Херцеговина. Јосип Броз Тито е роден во Кумровац, Загорје, во мешано хрватско-словенечко семејство во мај 1892 година.
За време на неговиот живот, 25 мај бил означен како датум на раѓање, а тоа како „Ден на младоста“. Како австроунгарски војник учествувал во Првата светска војна, со чин капар, меѓу другото и на српскиот фронт. Бил ранет и заробен во Галиција, на рускиот фронт, во 1915 година, па извесно време поминал како затвореник во Русија. Во неговите официјални биографии, во повоениот период, се наведува дека тогаш учествувал во Октомвриската револуција.
Во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците се вратил на крајот на октомври 1920 година, кога станал член на Комунистичката партија. Во 1937 година станал генерален секретар на КПЈ, по разрешувањето и егзекуцијата на Милан Горкиќ, претходниот лидер на таа партија. Работел и студирал во 1936 и 1937 година во Коминтерната во Москва. Тоа беше време на најтешките чистки во советската номенклатура и комунистичката интернационала, кога беа ликвидирани и значителен број југословенски комунистички шампиони.
Ниту денес не е јасно како тој успеа да направи една мала и опустошена од војна земја на Балканот во водач на едно големо светско движење; оваа слава продолжува и денес, па доволно е да се каже „Белград“ во која било од земјите од неврзаниот блок, од кои многу добија голема помош од Југославија и дека сите врати се отворени.
Неговата улога во Движењето на неврзаните, во подоцнежната фаза, е особено запаметена по неговите доследни напори да ги задржи Неврзаните од влијанието на одредени про-блок членови. Во внатрешната политика остави аранжман кој на крајот се покажа неодржлив за функционирањето на СФРЈ, како што е Уставот од 1974 година, кој практично ја обезвласти државата на сметка на републиките.
Како водач на КПЈ го предводеше партизанското движење во Втората светска војна, а од војната излезе како легендарен водач. Покрај борбата против окупаторот, единиците под негова команда ја спроведоа и комунистичката револуција, за време и по војната, во која, меѓу другото, исчезнаа десетици илјади некомунисти во спроведувањето на револуционерната „правда“ под образложение „борба против соработниците на окупаторот“.
Во 1948 година ја отфрли Резолуцијата на Информбирото на Комунистичките партии и се спротивстави на силниот притисок на Сталин, по што со години вешто балансира меѓу источниот и западниот блок, освојувајќи ја единствената позиција на Југославија како лидер на Движењето на неврзаните.