Црна хроника
Со 3,46 промили возел низ Куманово, полицијата веднаш реагирала

49-годишен маж од селото Долно Којнаре, Куманово, бил лишен од слобода откако во сообраќајна контрола било утврдено дека управувал возило под силно дејство на алкохол. Како што информираат од Секторот за внатрешни работи Куманово, инцидентот се случил вчера попладне околу 17 часот на улицата Борис Кидрич.
„Полициски службеници го сопреле патничкото возило „Рено“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н.М. (49), при што бил извршен алкотест. Измерени се дури 3,46 промили алкохол во крвта“, изјавија од СВР Куманово.
Веднаш по утврдувањето на состојбата, возачот бил исклучен од сообраќај и приведен во полициска станица. Од таму најавуваат дека по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.
Од полицијата апелираат до граѓаните да не се впуштаат во сообраќај под дејство на алкохол, бидејќи тоа претставува сериозна опасност и за нив и за останатите учесници во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Физичка пресметка помеѓу две жени и малолетничка во Кичево

На улица Прилепска во Кичево вчера била нарушена јавната безбедност со физичка пресметка во која биле вмешани три лица, информираат од ОВР Кичево.
Според пријавата, инцидентот се случил на 17 мај 2025 година, околу 11:38 часот, кога дошло до физичка пресметка помеѓу Е.М. (41) од една страна и С.Б. (42) и нејзината малолетна ќерка од друга страна.
„Се работи на целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од полицијата.
Мотивите и причините за инцидентот засега не се познати.
Црна хроника
Уапсен скопјанец кој влетал во казино и ја нападнал вработената

Триесет и тригодишен скопјанец е уапсен откако физички нападнал вработена и одзел предмет во казино лоцирано на подрачјето на општина Центар, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил вчера околу 17:20 часот, кога лицето со иницијали А.Ќ. влегло во казиното, ја нападнало вработената и одзело предмет, по што било приведено од страна на полицијата.
„Кај лицето е пронајдена и марихуана. Тој е приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопштија од МВР.
Црна хроника
Скопјанка нападната од партнерот со стаклен предмет во Охрид

32-годишна жена од Скопје била физички нападната од нејзиниот партнер во Охрид, притоа напаѓачот употребил и стаклен предмет, соопшти денеска СВР Охрид.
Инцидентот се случил утрово околу 7 часот на пешачката патека кај каналот Студенчишта, како и во станот во Охрид каде што двојката привремено престојувала. Според пријавата, осомничениот А.Д. од Прилеп ја нападнал својата партнерка, нанесувајќи ѝ телесни повреди.
„Случајот е пријавен во СВР Охрид, и по целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираа од охридската полиција.