Црна хроника
Судот му одреди 30-дневен притвор на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва му одреди 30-дневен притвор на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, осомничен за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“, соопшти Судот.
Притворот е определен по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради постоење опасност од бегство и можност осомничениот да влијае врз сведоци и да ја попречи истрагата.
Според информациите од Обвинителството и МВР, Стафа во периодот од октомври до 13 декември 2025 година примил вкупно 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание кај судија во Апелациониот суд Скопје, со цел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Првично, осомничениот побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кое Обвинителството води постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 6 октомври примил 30.000 евра, а на 13 декември побарал и примил уште 20.000 евра, по што бил лишен од слобода. При апсењето, кај него биле пронајдени паричните средства.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од 2018 до 2022 година, кога беше разрешен. Во последниот период работеше како адвокат и беше меѓу кандидатите на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.
Црна хроника
Возач на комбе не забележал човек зад возилото, го удрил и тешко го повредил
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека на 30 јануари 2026 година, околу 16:00 часот, во СВР Скопје било пријавено дека во кругот на објект во изградба на подрачјето на Ѓорче Петров се случила несреќа со тешки последици.
Според пријавата, М.Д., управувајќи товарно возило – комбе, при движење наназад не го забележал Д.З. (51) од Скопје, кој се наоѓал покрај ограда зад возилото, при што го удрил. Повредениот се здобил со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

