Топ
Татко поттикнувал лица да извршат убиства поради одмазда за својата ќерка
Кумановското јавно обвинителство поднесе обвинение против 57-годишен кумановец за убиство.
Обвинетиот се товари дека со умисла поттикнувал двајца оштетени да лишат од живот три лица. Поттикнувањето го вршел заради безобзирна одмазда за смртта на неговата ќерка, која загинала во сообраќајна незгода превезувајќи се во возило како сопатник.
Убиството кое обвинетиот го нарачувал требало да биде ивршено врз две лица кои во моментот на несреќата биле заедно со неговата ќерка во возилото, како возач и сопатник, како и врз таткото на возачот.
„Обвинетиот за да го изврши делото, искористил претходен долг на парични средства кои тој му ги позајмил на еден од пријавителите, оштетен во предметот. Имено, обвинетиот му позајмил 50.000 евра на оштетениот, на која сума постојано засметувал камата, со што го зголемувал долгот до сума од 80.000 евра. Искористувајќи го фактот дека оштетениот му должи пари, обвинетиот во периодот од април до август 2021 година, на различни локации во Куманово, на оштетениот, а потоа и на друго лице, исто така оштетен, им предложил, наместо да му се врати дологот од 80.000 евра, тој долг да го прости, а воедно да им додаде уште 40.000 евра. За возврат, побарал од оштетените да им го одземат животот на трите лица“, информираат од Обвинителството.
Откако увидел дека не постапуваат по договореното, обвинетиот неколкупати, покрај понудените парични средства за да ги извршат бараните убиства, започнал да им се заканува на оштетените по нивните, како и по животот и телото на членовите на нивните семејства. Оштетените одбиле да ги извршат убиствата и случајот го пријавиле во полиција.
Заедно со обвинението, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд достави и посебен предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор за обвинетиот, имајќи предвид дека околностите поради коишто притворот е определен сè уште постојат и тоа опасноста од бегство доколку обвинетиот се брани од слобода, како и опасноста од повторување и довршување на делото или од можно сторување на ново кривично дело. При предлагање на мерката, обвинителот ги имаше предвид видот, карактерот и тежината на кривичното дело, неговата противправност, запретената казна за ваков вид кривично дело, начинот на извршувањето и упорноста, како и последиците од кривичното дело, околностите под кои е извршено и мотивите за неговото извршување. Обвинителството предлагајќи продолжување на притворот за обвинетиот, особено ценеше дека е оправадан стравот од можност за бегство надвор од државата или пак плаќање за продолжување и реализирање на претходните планови и преку можни трети лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Не е законски да не е осигурана Клиниката, за тоа треба да преземе одговорност менаџментот“, кажа Демири
Министерот за здравство Илир Демири кажа дека штетата на Токсикологија е покриена, откако имаше хаварија со цевката за парно.
„Клиничкиот центар има заеднички служби кои се наменети за тоа, тоа им е примамрна обврска да се грижат за Клинички центар и за сите хаварии што можат да се случат. Хаваријата со цевката за парно е санирана уште вчера од страна на заеднички служби“, рече Демири.
Дали е потпишан договор или не, тоа се интерни договори на Клиниките кои морам да ги проверам, додаде министерот.
Во однос на болничарот кој требаше да биде суспендиран, Демири кажа дека има една голема неправда направена на Токсикологија, а тоа е необезбедување на согласност од страна на менаџментот на таа институција за обезбедување договори за 18 вработени кои се дел од медицинските процедури, кои веќе 4 месеци служат на таа институција, а не добиваат никаква економска надокнада.
„Во тек е изборна кампања, не сакам да се прекрши ниту една законска процедура, чекам да дојде извештајот на Инспекцискиот надзор кој ги има обврзано во тек на 5 дена менаџментот да најде решание за 18 луѓе кои работат, а не добиваат надокнада. Не е законски да не е осигурана Клиниката, за тоа треба да преземе одговорност менаџментот“, кажа Демири.
На новинарско прашање, министерот одговори дека економската директорка оди на работа и не се паркира на влезот на Клиниката.
„Не се точни наводите дека доаѓала на работа по четири саати, според моите сознанија“, додаде Демири
Македонија
„Не е точно дека со ДУИ подготвуваме сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори“, кажа Ковачевски
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски кажа дека не е точно дека подготвуваат со ДУИ сценарио за бојкот на вториот круг на претседателските избори на 8 мај.
„Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Да избереме и претседател и парламентарен состав, Македонија да продолжи на својот пат на европските инетеграции“, рече Ковачесвки.
Тој кажа дека никој не ги има гласачите под своја контрола за да ги наведува како да гласаат.
„Ја примивме пораката во првиот круг за сите грешки кои ги направивме минатите седум години. Очекуваме да ја добиеме поддршката во вториот круг. Нормално е дека нашето членство го повикавме на изборите. Свесни сме дека граѓаните испратија јасна порака до СДСМ, дека граѓаните укажаа на грешките. Работевме во услови на голема пандемија, енергетска и економска криза предизвикани од војната во Украина. Свесен сум за нивото на инфлација и цените. Се обидовме да ги зголемиме и платите и пензиите секој да се справи на најдобар начин со оваа криза. Знам дека тоа не беше доволно, знам дека треба повеќе. Во новата програма имаме и зголемување на платите и на пензиите и секако многу јасни мерки во однос на владеење на правото и борбата против корупцијата“, кажа Ковачевски.
Тој очекува во вториот круг поддршка од сите граѓани во Македонија.
Ковачевски кажа дека Пендаровски е граѓански кандидат и ја бара поддршката од граѓаните, а не од претседателските кандидат коишто не се пласирале во вториот круг.
„Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај. Да избереме претседател на државата со којшто ќе имаме сигурна европска иднина и да избереме парламент што ќе носи храбри одлуки за државата, за да го дадеме на граѓаните она што го заслужуваат и очекуваат“, рече лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека со крената глава продолжуваат во вториот круг и знае од што се незадоволни граѓните.
Топ
Во тешка сообраќајна несреќа загина 20-годишник од Прилепско
Вчера во 12.16 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на регионалниот пат Македонски Брод–Прилеп, кај село Новоселани, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 20-годишниот М.М. од село Браилово-прилепско и товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 43-годишниот К.Т. од Скопје, извести МВР.
„Во несреќата на местото на настанот починал М.М., а смрт била констатирана од лекар од Итна медицинска помош. Со телесни повреди се здобил К.Т., констатирани во Градската општа болница Прилеп“, соопшти МВР.
Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Прилеп.