Топ
Тетовец почина во сообраќајна несреќа, со товарно возило излетал од патот

Вчера на автопатот Тетово-Скопје во близина на мост на реката Вардар товарно моторно возило со тетовски регистарски ознаки излетало од патот и удрило во метална ограда.
Од полицијата информираат дека со возилото управувал 25-годишен тетовец, кој по несреќата со возило на итна медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники„Мајка Тереза“ каде им подлегнал на повредите.
Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Прогласена е кризна состојба“ – СМС порака која стигна до граѓаните е тест за масовно известување во кризни состојби

Во текот на попладневните часови, дел од граѓаните добија СМС порака со следната содржина: „Ве известуваме дека има прогласена кризна состојба во врска со пожарите и ве информираме дека на сила е забрана за движење во шумите.”
Центарот за управување со крици информира дека ова е тест порака со цел да се проверат можностите за праќање вакви масовни пораки, кои во иднина треба да бидат дел од системот наречен ‘cell broadcasting’ или масовно праќање пораки во случај на кризна ситуација за известување и тревожење.
Оваа тест-порака има за цел да ги испита техничките можности за воспоставување на системот за масовно известување на населението во случаи на кризни состојби.
Овој систем, познат како cell broadcasting, овозможува испраќање на итни пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации.
„ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација. Воведувањето на вакви системи е не само национална потреба, туку и обврска согласно законодавството на Европската Унија, која ги задолжува сите земји членки да располагаат со ваков механизам за масовно тревожење и информирање на граѓаните во случај на кризни состојби“, соопшти ЦУК.
Македонија
Спасовски: СДСМ ги повлекува сите амандмани, бараме средства за справување со пожарите и настраданите во Кочани

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција најави дека СДСМ и коалицијата ќе ги повлечат сите преостанати амандмани на предложениот ребаланс на буџетот и ќе поднесат два нови – целосно насочени кон справување со последиците од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани и тековните пожари низ државата.
„Прво, еден комисиски амандман, ќе побараме Комисијата за финансирани буџет да го прифати, а кој што ќе се однесува за последиците од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и за кој што ќе обезбедиме средства и за посебното законско решение за обесштетување на семејството на починатите, меѓутоа и за сите коишто се повредени од овој пожар. И вториот амандман кој што ќе го побараме, е да донесеме, односно да се прифати, амандман со кој што ќе одделиме финансиски средства, а за јакнење на капацитетите за справување со пожари“, рече Спасовски.
При тоа Спасовски посочи дека не може да има никакви оправдувања во однос на тоа дека има недостаток на пожарникари, недостаток на финансиски средства, недостаток на опрема.
„Ние сметаме дека државата, односно парламентот, ја има таа можност, меѓутоа ја има и обврска пред граѓаните преку определување на финансиските средства, пред сè да се обезбедат средства за вработување на пожарникари коишто токму за вакви моменти ќе се најдат на државата и на граѓаните. Второ, за зголемување на платите на пожарникарите во државата, заради тоа што не може и не смее државата да се сеќава на оваа категорија на работници, само во моменти кога имаме криза и кога тие се справуваат со таа криза“, рече Спасовски, додавајќи дека државата треба да помогне и во делот на финансиски средства за обесштетување, заради тоа што во пожарите има изгорени куќи, викенд куќи, фабрики.
„Еве ова се нашите две теми за коишто сметаме дека може да се постигне единство, може да се постигне консензус, и токму таа порака на соработка на единство и на консензус може да се покаже во овие моменти во кои што не треба да има различни погледи, не треба да има никакви поделби по ниту политичка, ниту било каква друга основа, туку напротив, да покажеме на граѓаните дека сме заедно, сплотени, единствени и таквата порака на соработка да ја покажеме токму во моменти кога најмногу е потребно за граѓаните на Македонија“, порача Спасовски.
Тој истакна дека ребаланост на Буџетот е нереален, и популистички и дека е буџет кој што предвидува повеќе средства отколку што за тоа има економска активност. СДСМ имаше над 160 амандмани во вредност од околу 11 милијарди денари.
Македонија
МНР го осуди говорот на министерот Георг Георгиев, бугарскиот амбасадор повикан на разговор

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува навредливите изјави упатени кон претседателот на Владата и институциите на Република Северна Македонија од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, дадени во текот на денешното гостување во утринската програма на телевизијата БТВ.
Во врска со ова, Министерството денеска го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, на кого му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада.
„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, соопшти Министерството.
Од таму велат дека очекуваат од официјална Софија да упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствената и принципиелна билатерална комуникација.
Георг Георгиев изјави дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на, како што го нарече Мицкоски, „северномакедонскиот“ премиер.
Тој, исто така, кажа дека Мицкоски спроведува кризен пи-ар, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно, како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.
ФОТО: ЕПА