Топ
Тешка сообраќајка на патот Битола-Ресен, загина едно лице
Едно лице загина во сообраќајната нереќа што попладнево се случи на патот Битола-Ресен.
Како што соопшти Автомотосојузот на Македонија, до несреќата дошло во 16 часот на местото викано „Чешми“.
Поради несреќата, сообраќајот беше во целосен прекин, а во моментов се одвива по една лента.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Тик-ток“ не е достапен во САД
Кинескиот „Тик-ток“ не е во функција за корисниците во САД, пренесоа светските агенции.
Апликацијата повеќе не е достапна на Apple и Google.
На корисниците им се прикажува порака во која се наведува дека услугите на „Тик-ток“ се недостапни.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за тримесечно одложување на забраната за „Тик-ток“, по преземањето на функцијата утре.
Кина и САД се економски и геополитички ривали, а фактот дека „Тик-ток“ е во кинеска сопственост ги загрижува американските власти со години.
Свет
Примирјето меѓу Израел и Хамас се’ уште не стапи во сила – не е доставен списокот од заложниците што треба да бидат ослободени
Стапувањето на сила на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, закажан за 7 часот и 30 минути утринава, е одложено бидејќи палестинскиот Хамас се уште не доставил список на заложници кои треба да бидат ослободени во текот на денот, како што бараше Израел, објави агенцијата АФП.
Израел претходно предупреди, дека примирјето нема да започне додека палестинското исламистичко движење не ја предаде листата на заложници кои требаше да бидат ослободени подоцна во текот на денот.
Хамас во соопштението рече дека има намера да се придржува до договорот, но го призна одложувањето со „давањето на имињата на заложниците кои ќе бидат ослободени“ поради „технички причини на теренот“.
Портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари, речедека израелската армија ќе продолжи со воените операции во Газа додека не се исполнат овие обврски.
„Премиерот и наложи на израелската војска дека прекинот на огнот, кој треба да стапи на сила во 7:30 часот по локално време, нема да започне додека Израел не добие список на заложници што треба да бидат ослободени, како што се обврза Хамас да го стори тоа“, се вели во соопштението на Бенјамин Нетанјаху.
Договорот предвидуваше ослободување на дел од израелските заложници држени во Газа.
Македонија
Православните верници го слават Богојавление – Водици, над 220 граѓани ќе се обидат да го фатат крстот во Вардар
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление, а централните манифестации, традиоционално ќе се одржат во Скопје и Охрид со осветување на водите на реката Вардар и Охридското езеро со положување на крстот во нив.
Празникот се одбележува од вториот век, а уште се нарекува и Водици поради големиот водосвет што го врши црквата на овој ден.
Според христијанското предание, на овој ден се одбележува крштевањето на Исус Христос од страна на Свети Јован Кристител во реката Јордан.
Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст. Над 220 граѓани денес ќе се обидат да го фатат крстот што ќе биде положен во реката Вардар во Скопје. Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Посебен режим на сообраќај
Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска по повод празникот Водици ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров, Кисела Вода и Аеродром.
Така, во центарот на град Скопје за сообраќај ќе биде затворена улицата „Филип Втори Македонски“ на потег од крстосница со булеварот „Гоце Делчев“ до крстосница со улицата „11-ти Октомври“ во двете насоки.
Во општина Кисела Вода за сообраќај ќе бидат затворени улиците „14-ти Декември“ и дел од улицата „Христо Татарчев“ до салата „Расадник“.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“, потоа улицата „Ѓорче Петров“ до улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, улицата „Козле“, дел од улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.