Топ
Трошела пари за патувања во странство: поднесено обвинение за поранешна директорка на ученичкиот дом „Мирка Гинова“
Основното јавно обвинителство Битола, по спроведена претходна постапка, до надлежниот суд поднесе обвинение против поранешна директорка на Државниот ученички дом „Мирка Гинова“, која е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување и Ффалсификување исправа, како и две кривични дела предвидени во Законот за трансформација во редовен работен однос.
Со продолжените злоупотреби на службената положба во текот на 2022 и 2023 година, обвинетата, на еден работник му овозможила неоснована исплата на надоместок за неискористен дел од годишен одмор, а по неговото пензионирање му исплаќала дневници и трошоци за наводни службени патувања и му овозможила да продолжи да го користи службениот телефонски број, со што на ученичкиот дом му предизвикала вкупна штета од околу 140 илјади денари.
Дополнително, со пречекорување на своите службени овластувања, таа и самата си исплатила неоправдани трошоци од 8.176 денари кои ги направила при службени патувања во Србија и Унгарија.
Понатаму, спротивно на Законот за јавни набавки, не спровела постапка за јавна набавка и директно склучила договор за сметководствени услуги со правно лице, прибавувајќи му незаконски вкупна корист од 180 илјади денари.
Во текот на 2021, 2022 и 2023 година обвинетата, како директор на установа која има помалку од 300 вработени, имала право да ангажира најмногу по три лица врз основа на договор на дело без согласност од Министерството за финансии. Сепак, таа секоја година го надминувала овој број, па врз основа на писмени, па и усни договори на различни лица исплатила незаконски вкупно околу 390 илјади денари од буџетот на установата.
Во периодот од 2021-2024 година, ангажирала повеќе лица и со договор на дело за период подолг од 24 месеци без согласност од Министерството за финансии и на тој начин им исплатила 712 илјади денари.
Кривичните дела – Фалсификување исправа обвинетата ги вршела за да го оправда своето отсуство од установата, составувајќи лажни патни налози согласно кои со службеното возило патувала во околината на Битола, Крушево, Прилеп или Скопје, иако во тоа време е утврдено дека таа со службениот автомобил ја напуштала државата преку граничните премини Меџитлија, Ќафасан и Ново Село на еднодневни или повеќедневни патувања. Во периодот од 11.05 2022 до 06.12.2022 ова е констатирано во девет случаи.
Во 2024 година обвинетата ја преправила во целост третата страница од Записникот на Управниот одбор на Државниот ученички дом, заменувајќи ја во целост содржината во делот на констатациите за службените патувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.
Македонија
Мицкоски најави дека ќе се чека уште 11 месеци да стигнат нови камиони на Комунална хигиена
Преку Министерството за транспорт и во соработка со Светската банка ќе се набават 40 нови возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека со оваа набавка ќе се реши еден од најголемите долгогодишни проблеми во работењето на претпријатието – застарената неодржувана и истрошена механизација, која сериозно го отежнувала одржувањето на јавната хигиена во главниот град. Според Мицкоски, состојбата дополнително била усложнета и со превработеност, како и со недоволна ефикасност на дел од вработените.
– Со овие 40 камиони, сигурен сум дека многу ќе се подобри состојбата со хигиената во Скопје. Како што најавивме и во кампањата, и како што најави и самиот градоначалник, хигиената ни е прв приоритет и во таа насока се движи овој процес, рече Мицкоски.
Тој најави дека процесот на набавка се очекува да биде заокружен до доцна пролет, а испораката на возилата да почне до крајот на годината. Според премиерот, новата механизација ќе овозможи поефикасна работа на Комунална хигиена и видливо подобрување на чистотата во градот.
– Сепак 40 камиони за одведување смет се огромна работа. Не така одамна имавме во Битола презентација на еден друг проект кој исто така меѓународни финансиски институции го поддржуваат, има и грант компонента, а тоа е регионалната депонија во Новаци. Дел од тој проект е и набавка на камиони за одведување на смет на општините од Југозападниот и од Пелагонискиот регион. Се што било закочено, не било сработено и не се работело, украдено, уништено, се трудиме да го оживееме и да го вратиме повторно во функција. Не може преку ноќ. Да бидеме трпеливи, рече премиерот Мицкоски.

