Црна хроника
Лани 129 лица ги загубиле животите во сообраќајни несреќи
129 лица ги загубиле животите во сообраќајни незгоди во 2018 година, 155 загинале во сообраќајни незгоди во 2017 година, а 165 во 2016 година, покажува полициската статистика. Речиси 6.000 повредени секоја година е билансот од неодговорното возење.
Според Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, алармот е вклучен. „Смрт на патиштата, голем број жртви и повредени, огромни материјални загуби. Oдговорноста e заедничка – на институциите и на учесниците во сообраќајот. Оттука и прашањето: Што вие лично преземате за да се намалат сообраќајните незгоди? Дали некогаш сте возеле под дејство на алкохол? Дали редовно ја почитувате законската одредба за нула толеранција алкохол во крвта за професионални возачи и за возачи почетници или одредбата, т.е. ограничувањето од 0,50 г/кг алкохол во крвта за сите други возачи?“, велат од РСБСП.
Нивните истражувања покажуваат дека 80 отсто од возачите во Република Македонија барем еднаш во животот возеле под дејство на алкохол, а 5 отсто тоа го прават често.
„Овој податок покажува зошто се гине на патиштата во Македонија. На прашањето како да се стави крај на таа лоша навика следува логичен одговор: прво и основно, контроли и казни за сите што не го почитуваат законот, за сите, без исклучок, што ги загрозуваат животот и безбедноста на учесниците во сообраќајот. Казните даваат ефект, но дали сите може да бидат контролирани, дали сите може да бидат казнети? Што е со свеста и со одговорноста?
Ако 80 отсто од возачите некогаш возеле под дејство на алкохол, а 5 отсто тоа го прават често, иако нема официјален податок, многу веројатно е дека 85 отсто од возачите не се казнети за возење под дејство на алкохол. Ова покажува дека возачите се многу вешти во избегнување на контролите, но истовремено покажува и дека не се свесни за опасностите од возење во пијана состојба. Оние 5 отсто што често возат пијани заслужуваат секаква осуда. За нив, дефинитивно, само големи казни, одземање на возачката дозвола и исклучување од сообраќајот, не привремено како што налага законот (максимум 12 месеци), туку и трајно (со измена на законската регулатива). Нив слободно можеме да ги наречеме: несовесни, неодговорни, недостојни, непримерни возачи, па и личности. Тие претставуваат голема опасност за безбедноста во сообраќајот и за животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. За ова сите се сложуваме.

А што станува со преостанатите 80 отсто, кои еднаш, двапати, понекогаш, малку или малку повеќе пијани возат и се сметаат себе си за одговорни и безбедни возачи? Тие, дури 80 отсто од возачите, се еднакво опасни и несвесни како и преостанатите 5 отсто. Разликата е во тоа што оние што често возат пијани не размислуваат за ништо, а преостанатите 80 отсто, кои понекогаш возат пијани, размислуваат, ама бараат изговори: „Се случи еднаш“, „Јас и пијан сум совесен и одговорен“, „Јас и пијан сум способен да возам“, „Еднаш, двапати не е страшно, нема сигурно веднаш да се случи незгода“, „Не е важно дали сум пијан, важно не возам брзо“, „Не бев многу пијан, инаку не возам“ и многу други.
Има и такви самобендисани, па тоа што возеле пијани им претставува своевидна гордост и своето оправдување го наоѓаат со други изговори: „Таков сум јас, нема што да се прави“, „Кога сум пијан, ништо не може да ме запре“, „Не ми е првпат, немам гајле“, „Јас сум непоправлив“…, укажуваат од РСБСП.
„Иако на прв поглед не е исто дали еднаш си возал пијан или тоа го правиш често, важно е да се потенцира дека последиците не прават разлика. Фактот дека оваа година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 129 лица, минатата 155, предминатата 165, зборува сѐ. Фактот дека првпат возите пијан или само понекогаш не ве ослободува од одговорност. Жртвите, повредените, загубите не може да бидат надоместени, без разлика дали вие првпат возите пијан или не. Штетата неповратно е нанесена. РСБСП апелира дека алкохол и воланот се комбинација што најчесто завршува фатално.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Скопјанка со нож нападната од нејзиниот татко
На 02.03.2026 во 18:45 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена од Скопје пријави дека околу 15:00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот 79-годишен татко, кој со остар предмет и упатувал закани, при што сам се повредил од невнимателност.
Во 20:00 часот, според полицијата, 79-годишен маж од Скопје пријавил дека околу 15:00 часот во семејниот дом неговата ќерка насилно му го одзела мобилниот телефон, при што почнале меѓусебно да се туркаат, а неговиот зет физички го нападнал.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Загина жена од Злетово: ја прегазил „мерцедес“
Вчера во 15:33 часот во ОВР Пробиштип е пријавено дека на ул.„Пониква“ во Злетово, на место викано „Клапчово маало”, Р.З.(50) од с.Неокази, пробиштипско, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со пробиштипски регистарски ознаки, удрил во пешакот З.А.(59) од с.Злетово, пробиштипско.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починала З.А., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на Судската медицина за обдукција.
Полицијата соопшти дека е извршен увид од увидна екипа на ОВР Пробиштип.
Црна хроника
Уапсен Турчин: во патничко возило превезувал пет лица мигранти
Вчера вечер во 23:00 часот на локалниот пат Гевгелија-Граничен премин Богородица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Гевгелија го лишија од слобода 46-годишниот Ф.С. од Република Турција.
При сообраќајна контрола, полициските службеници запреле патничко возило „дачија“ со албански национални ознаки, кое го управувал, при што во возилото биле затекнати пет лица мигранти, од кои четири лица од Авганистан и едно лице од Турција.
Лицето е приведено изадржано во Полициската станица Гевгелија, а по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

