Црна хроника
141 санкционирани возачи во Скопје, 19 без возачка

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (2.6.2022) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
На територија на Град Скопје изречени се вкупно 141 мерка, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 11 санкции, 19 мерки за возење без возачка дозвола, 12 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл.
Изречени се девет мерки за користење мобилен телефон, 14 санкции за возење под дејство на алкохол, шест мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло), шест санкции за нерегистрирани возила, пет мерки за непрописно престигнување.
Засилените акциски контроли продолжуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Фатен бегалец осуден на 70 месеци затвор

Денеска (28.6.2022), во 12.45 часот, на улицата Дижонска во Скопје, полициски службеници од Оперативниот тим потраги и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б. И. (39) од Скопје, информираат од МВР.
Скопјанецот бил баран по централна потерница од Казнено-поправната установа „Затвор Идризово“ за доиздржување казна затвор од три години и осум месеци за сторено кривично дело по член 418 од Кривичниот законик за кое бил осуден на казна затвор од пет години и 10 месеци.
Лицето ќе ѝ биде предадено во казнено-поправната установа за доиздржување на казната.
Црна хроника
Обвинение за сопственик на угостителски објект, сексуално вознемирувал Македонка и Русинка

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против едно лице, кое, според опишаните дејства, сторило кривично дело трговија со луѓе, предвидено и казниво по член 418-а став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот во период од јули до октомври минатата година во својот угостителски објект во Гостиварско, употребувајќи сила и закана за употреба на сила и применувајќи психолошко насилство, сексуално и трудово, експлоатирал Македонка и Русинка.
Девојките работеле во угостителскиот објект, едната на шанк и била келнерка, а другата танчарка.
„Искористувајќи ја состојбата на ранливост, на дваесет и двегодишната Македонка ѝ понудил заштита и привремено засолнување од лице што наводно нудело пари за нејзино пронаоѓање, ја сместил во просториите на својот угостителски објект и ѝ понудил работа. По одредено време, обвинетиот побарал за неговата услуга за заштита девојката да прави сè што ќе ѝ каже бидејќи сметал дека таа е ‘негова сопственост и со неа ќе прави што сака’. И покрај противењето на девојката, обвинетиот не само што лично сексуално ја злоупотребувал туку ја присилувал и да дава сексуални услуги и на други лица, од кои наплаќал од 50 до 100 евра. За да може подолго да работи, ја принудувал да користи кокаин. Девојката добивала по 1.500 денари на две недели за извршувањето на работите во угостителскиот објект, кои обвинетиот веднаш ѝ ги земал. Воедно, тој насилно ѝ ја одзел и платежната картичка, од која без нејзина согласност ја подигнал целата сума во износ од 18.000 евра, а исто така успеал противправно да ја пренесе сопственоста од ПМВ, сопственост на девојката, на син му, кој по десетина дена го продал на трето лице“, стои во извештајот на ОЈО.
Од Обвинителство информираат дека Русинката, по претходна комуникација со познајнички, пристигнала во нашата земја кон крајот на август 2021 година. Иако, според првичниот договор, таа требало да биде танчарка, обвинетиот, покрај танцувањето, барал и дополнителни услуги од неа, односно да му дава сексуални услуги на обвинетиот, неговите пријатели и на гости во објектот за што наплаќал од 3.000 до 8.000 денари, а девојката не добивала ништо за возврат.
Не можејќи да го издржи физичкото, психолошкото и сексуалното малтретирање, девојката искористила погоден момент и го напуштила угостителскиот објект.
Обвинител предложил на обвинетиот да му ја продолжат веќе изречената мерка притвор.
За ова кривичното дело следува казна затвор во траење од најмалку 4 години.
Црна хроника
Во затворот во Штип пронајдени ножеви, мобилни телефони, пари, психотропни супстанции

Денеска, во периодот од 6 до 9 часот, полициски службеници од СВР Штип, Единицата за брзо распоредување при Одделот за специјални полициски операции, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во содејство со затворската полиција, спроведе координирана полициска акција на подрачјето на Штип.
По добиена судска наредба од Основниот суд Штип, извршени биле претреси во 11 ќелии во разни одделенија во КПД „Штип“ кај 39 осудени лица, кои се на издржување казна затвор. При претресите биле пронајдени и одземени: грутчеста материја, предмети со остатоци од прашеста материја, мобилни телефони, поголема сума парични средства од законски дозволените што осудените лица може да ги поседуваат, ножеви и повеќе други остри предмети, метални шипки и други тврди предмети, соопшти полицијата.
Некои од пронајдените предмети, како што додадоа надлежните, се одземени за понатамошна постапка од страна на СВР Штип, а другите предмети ѝ се предадени на затворската служба за понатамошна постапка.
Притоа биле извршени претреси во Казнено-поправниот дом Штип, со цел пронаоѓање недозволиви или забранети предмети кај лица осуденици што се на издржување казна затвор, во насока на превентивно дејствување и спречување вршење кривични дела во казнено-поправните установи.