Топ
18-годишниот возач кој вчера прегази жена во Капиштец избегал од државата, МВР распиша потерница
СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со вчерашната сообраќајна несреќа на ул. „Народен фронт“ во Скопје околу 11:30 часот, во која патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С. (18) од Скопје, удри во Љ.Ј. (79) од Скопје, која почина од здобиените повреди, а возачот со возилото избега од местото на настанот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„Веднаш по добиената пријава, полициски службеници презедоа мерки и активности за пронаоѓање на возачот и возилото. Преку камерите на „Безбеден град“ и дополнителни проверки на камерите на околните објекти, како и изјави на сведоци, утврдено е дека се работи за патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Б.С. (45) од Скопје, а управувано од неговиот син С.С. (18). Возилото е пронајдено пред домот на сопственикот, а таму е затекнат С.С. (69), кој е приведен во полициска станица и со него е извршен службен разговор. Утврдено е дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј.(53) од Скопје, ја напуштиле државата во текот на вчерашниот ден. Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторено кривично дело „помагање на сторител во извршено кривично дело“ по чл.365 ст.2 а во врска со чл.300 и 301 од КЗ. Против возачот С.С. (18) е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по чл.300 ст.2, а во врска со чл.297 ст.1 од КЗ и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода” по чл.301 ст.2, а во врска со чл 300 ст.2 од КЗ и се преземаат мерки за негово пронаоѓање и пронаоѓање на Б.С.. За двете лица распишана е потерница, а пронајдени се возилото „фолксваген пасат“ со кое е удрена жената и возилото „мерцедес“ со кое С.С. и Б.С. ја напуштиле државата и двете возила се одземени во полициска станица и известен е јавен обвинител за понатамошна постапка“, стои во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петрушевски: Тужбата за клевета нема да го испере Заев, стојам зад секој кажан збор
Тужбата за клевета нема да го испере Заев, ниту ќе ја сокрие вистината, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, по тужбата од поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев поднесена против него и против Жан Митрев.
„Завршија времињата кога од позиција на власт се нарачуваа пресуди, се вршеа притисоци врз обвинители и судии, и се замолчуваа оние што поставуваа прашања. Денес институциите мора да работат по закон, а не по телефон. Јас стојам зад секој јавно изнесен збор и подготвен сум аргументите со Заев да ги соочиме пред судот и пред јавноста. Судницата не е средство за заплашување, туку место каде се утврдува вистината“, вели Петрушевски.
Тој додава дека денес никој не е над законот. „Ниту поранешен премиер, ниту актуелен пратеник. Но, наместо Заев да се обидува преку тужби да ја замолчи критиката, нека одговори на суштинските прашања што кои ја интересираат јавноста. А вистината секогаш излегува на виделина“, вели пратеникот.
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Стојаноски за платите на функционерите: се намалуваат за над 10.000 денари, законското решение е согласно Устав
„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:
„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.

