Црна хроника
Дали дефект на управувачкиот систем е причина за трагедија
Поранешен капетан на „Илинден“ смета дека дефект на управувачкиот систем е главна причина за несреќата
Петар Василев, капетан на бродот „Александрија“ што прв пристигнал во помош на патниците во вчерашната несреќа на Охридското Езеро, но и човек кој самиот бил зад кормилото на потонатиот „Илинден“ смета дека најверојатно причина за несреќата е пукање на сајлата од управувачкиот систем на бродот.„Што точно се случи не можам со сигурност да кажам. Јас го возев тој брод три години и знам како се однесува во ситуации на нагли свртувања. По мене, причината за несреќата е откажување на кормилото односно системот за управување“, рече Василев. Тој појасни дека при полна брзина доколку нагло се менува правецот на движење, бродот по инерција се наведнува. Кон превртувањето придонело и нерамномерното префрлување на товарот на едната страна на бродот. Во прилог на таквото тврдење Василев го посочува и фактот што патниците на „Илинден“ биле луѓе со поголема телесна тежина, односно бродот бил дополнително оптоварен.За самата несреќа Василев рече дека се одвивалa неверојатно брзо.„Се’ се одвиваше мошне брзо. Разговарав со некој во кабината и следниот пат кога погледнав во тој правец, бродот веќе го немаше. Бродот пловеше пред нас и се беше во ред. Забележав дека изврши нагло свртување, но сметав дека тој го менува правецот кон Свети Наум, затоа што вообичаено пловиме блиску до брегот“, појасни Василев. Капетанот додаде дека откако забележале дека нешто не е во ред, и откако добил повик по мобилен од некој од „Илинден“ дека бродот тоне, веднаш се упатиле кон местото на несреќата. „Ние бевме зад нив околу километар и под полна гас стигнавмe до местото за помалку од три минути“, додаде тој.За текот на самата акција за спасување капетан Василев рече првично била насочена кон спасување на реживеаните. „По пет луѓе се држеа за некоја штица, за појас… Паника, пискотници, среќа што имаше присебнист на посадата и патниците од нашиот брод, како и од бродот „Кристина“ кој исто така набргу дојде во помош. За жал, веќе имаше тела на површината на водата, раскажува Василев.Тој додаде дека фактот што повеќето од патниците од Бугарија биле повозрасни лица, со поголема телесна тежина, во голема мера ја отежнало и акцијата на спасување и извлeкувањето на преживеаните на сигурно.Инаку, причините за несреќата ќе ги утврдува мешана комисија, составена од експерти по пловидба од Македонија, Бугарија, но и од Хрватска, кои се очекува попладнево да пристигнат во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

