Црна хроника
232 санкции за брзо возење

Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 232 возачи.
Од нив 11 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.
Притоа, 91 возач ја пречекорил брзината во населено место, а 141 надвор од населено место.
Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Најдена дрога во затворот „Шутка“ при претрес на ќелија со тројца затвореници

Во затворот во Скопје, вчера околу 11:00 часот е извршен претрес во просторија каде што биле сместени осудените лица П.К., М.А. и М.О., соопштија од СВР Скопје. При претресот на прозорецот биле пронајдени бела прашкаста материја, марихуана, како и лажица и шише со течност.
Од полицијата истакнаа дека се преземаат сите мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на потеклото на пронајдените супстанции. Претресот е дел од редовните контроли во затворските установи со цел спречување на внес и употреба на забранети материи.
Случајот е пријавен во СВР Скопје, а истрагата продолжува под надзор на надлежното јавно обвинителство.
Црна хроника
34-годишен мотоциклист почина по судир со трактор

34-годишен мотоциклист од Јосифово го загуби животот по сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 14 часот на регионалниот пат од селото Јосифово кон селото Пирава, на местото викано „Железен мост“ во Валандово.
Според информациите од полицијата, во несреќата учествувале трактор „ИМТ“ со приколка, управуван од В.Т. (75) од Пирава, и мотоцикл „Сузуки“ управуван од С.К. (34) од Јосифово. При судирот, мотоциклистот се здобил со тешки телесни повреди.
Повредениот бил веднаш пренесен во болницата во Валандово, а поради сериозноста на повредите бил транспортиран во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде околу 17:30 часот починал.
По наредба на јавен обвинител телото е дадено на обдукција, а увид на местото на несреќата извршила екипа од ОВР Валандово.
Црна хроника
Се обиделе да вадат бакар со оган, па завршија со лисици на рацете

Полицијата во Струга поднесе кривична пријава против две лица кои предизвикале пожар на градската депонија. Станува збор за 38-годишниот Е.В. од Прилеп, со привремен престој во Струга, и 61-годишниот Ф.Н. од Струга, кои се сомничат за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 2 август 2025 година двајцата биле затекнати на депонијата во Струга додека ваделе бакарни жици од разни предмети. За да дојдат до металот, тие ги запалиле предметите, при што избувнал пожар.
Навремена реакција имало од страна на Територијалната противпожарна единица од Струга, чии екипи успеале да го изгаснат огнот и да спречат негово ширење. По интервенцијата, Е.В. и Ф.Н. биле лишени од слобода, а против нив е поднесена кривична пријава.