Топ
24-годишна државјанка на Албанија загина во тешка сообраќајна незгода на автопатот Тетово – Скопје
Вчера попладне, во 14 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот „Мајка Тереза“ во насока од Тетово кон Скопје, во атарот на селото Ласкарци, Скопско, патничко моторно возило „ауди“, со албански национални ознаки, управувано од 40-годишниот В. М. од Република Албанија излетало од коловозот, извести МВР.
Од добиените повреди во несреќата на самото место починала сопатничката Е. Т. (24) од Република Албанија, а лекар од итната медицинска помош констатирал смрт. Тешки телесни повреди добил возачот В. М., констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“, соопшти МВР.
Извршен бил увид од екипа на СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Свет
Израелски шпиони ги хакирале речиси сите сообраќајни камери во Техеран за да го испланираат убиството на ајатолахот Али Хамнеи
Израелските шпиони со години ги хакирале речиси сите сообраќајни камери во Техеран за да ги следат движењата на ајатолахот Али Хамнеи во невидена кампања за собирање разузнавачки информации, објави синоќа британски „Индипендент“.
Службениците ги надгледувале високо обучените и лојални обезбедувачи, телохранители и возачи на високи ирански функционери за да го забележат нивниот „модел на живот“, објави „Фајненшл тајмс“.
Овие податоци во реално време, вклучително и од камерите фокусирани на личниот комплекс на Хамнеи, биле шифрирани и пренесени назад до серверите во Тел Авив и јужен Израел.
Тие беа во можност да утврдат каде стражарите ќе ги паркираат своите автомобили преку инфилтрирана безбедносна камера свртена кон домот на ајатолахот.
„Го знаевме Техеран како што го знаеме Ерусалим“, изјави за весникот сегашен израелски разузнавачки службеник.
„И кога го познавате (местото) исто толку добро колку што ја познавате улицата на која сте пораснале, го забележувате секое нешто што не е на свое место“.
Планот за убиство на ајатолахот постоел со месеци и бил изменет кога се дознало дека врховниот лидер лично ќе присуствува на состанок кај него дома, изјавија официјални лица.
На денот на атентатот, израелските разузнавачи ги користеле податоците од сообраќајните камери, преку нив го потврдиле реалното време на состанокот.
Израелската војска соопшти дека нападите биле извршени во текот на денот за да се создаде елемент на шок и „му дозволиле на Израел да постигне тактичко изненадување по вторпат, и покрај силната иранска подготвеност“.
Мобилните телефонски услуги и комуникациските мрежи биле прекинати во обид да го остават Иран „зашеметен и збунет“, според генералот Ден Кејн, началник на заедничкиот штаб. „Координираните вселенски и сајбер операции ефикасно ги нарушија комуникациските и сензорските мрежи низ целата зона на одговорност, оставајќи го противникот без можност да гледа, координира или ефикасно да реагира“, рече тој.
Претседателот Доналд Трамп во интервју за „Фокс њус“, по нападот рече дека иранскиот лидер „бил елиминиран заедно со неговиот најблизок круг додека се собирале на појадок“.

