Топ
24-годишна државјанка на Албанија загина во тешка сообраќајна незгода на автопатот Тетово – Скопје

Вчера попладне, во 14 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на автопатот „Мајка Тереза“ во насока од Тетово кон Скопје, во атарот на селото Ласкарци, Скопско, патничко моторно возило „ауди“, со албански национални ознаки, управувано од 40-годишниот В. М. од Република Албанија излетало од коловозот, извести МВР.
Од добиените повреди во несреќата на самото место починала сопатничката Е. Т. (24) од Република Албанија, а лекар од итната медицинска помош констатирал смрт. Тешки телесни повреди добил возачот В. М., констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“, соопшти МВР.
Извршен бил увид од екипа на СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Дете натепано од соученик во Ѓорче, насилството снимано со телефон и објавено на социјална мрежа

Случај со малолетничко насилство во Скопје заврши во рацете на полицијата.
Според пријавеното во МВР, пред два дена, на 6 мај, малолетно дете било нападнато во Ѓорче Петров од страна на негов соученик. Друг малолетник, како што информираа од полицијата, настанот го снимил и го пуштил на социјална мрежа.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Коцевски тврди дека истрагата за Кочани не е селективна, а можно е да биде проширена

Jавниот обвинител Љупчо Коцевски тврди дека нема никаква селективност во истрагата што се води за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Најави дека е можно евентуално дополнително проширување на истрагата, но тоа би зависело и од доказите што ќе бидат обезбедени. Коцевски соопшти дека обвинителите во Скопје и во Кочани сè уште вршат распити, се сослушуваат сведоци, но не би требало да дојде до пролонгирање на рокот за завршување на истрагата и подигнување обвинение.
Прашан дали се истражува рацијатата во дискотеката и дали ќе бидат опфатени тогашниот началник на ОВР Кочани и СВР Штип, кои се разрешени, Коцевски одговори дека истрагата што се води е во исклучително важна фаза сега и не може да изнесат повеќе детали.
Економија
Дурмиши ги предупреди трговците: Ако има енормно зголемување на цените, ќе има поригорозни мерки

Нови поригорозни мерки ќе бидат воведени доколку Државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на производите по укинувањето на мерките што важеа до крајот на април, рече денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Тој денес рече дека официјалните податоци за изминатиот период додека беа замрзнати маржите покажуваат намалување на инфлацијата.
„Официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула. Во споредба со март има покачување од 0,6 %. Во споредба со април минатата година инфлацијата е 2,6 %, што значи дека не надминува 3 % и е во стабилна фаза. Цените на храната се речиси непроменети, само 0,3 % годишно зголемување и мора да потенцирам дека ако го споредиме април со декември 2024 година имаме дефлација од 1,35 %. Значи, имаме намалување на инфлацијата“, рече министерот Дурмиши.
Овој месец Државниот пазарен инспекторат ќе прави и редовни и вонредни контроли на цените и кај трговците, и кај дистрибутерите, и кај производителите и ќе подготви извештај врз основа на кој ќе се димензионираат нови, поригорозни мерки доколку се утврди дека покачените цени немаат економска оправданост.
„Може да ја прошириме листата со која ќе бидат опфатени производи за ограничување на маржата, односно ова што го имавме сега како мерка – може да ставиме повеќе производи, може да го покачиме процентот на маржата, да видиме кои се тие можности за поригорозна мерка. Ова го кажувам за да ги известам трговците, производителите и дистрибутерите да не се однесуваат девијантно, да не ги покачуваат цените без економска оправданост. Ако има покачување, ќе има поригорозни мерки. Се вршат контроли“, рече министерот Дурмиши.
На забелешките дека има хигиенски производи, кои се и за 60 денари поскапи по завршувањето на мерката, министерот Дурмиши рече дека првин треба Државниот пазарен инспекторат да го утврди тоа, да го извести секторот во Министерството за економија да направи анализа за тоа кои построги мерки да бидат донесени.