Црна хроника
24-годишник со автоматски пиштол пукал кон човек во Чаир, куршумите завршиле во паркирани возила
Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 24-годишник од Скопје кој се товари за две кривични дела – неовластено држење оружје, како и за предизвикување општа опасност.
Како што информираат од обвинителството, обвинетиот на 2 ноември минатата година неовластено држел автоматски пиштол марка ЦЗ ВЗ61 скорпион, како и 10 куршуми за тој пиштол со калибар 7,65 милиметри.
На критичниот ден, на улица Цветан Димов во скопски Чаир, тој забележал едно лице и испукал неколку куршуми кон него, со што со умисла презел општо опасно дејствие и го загрозил животот на оштетениот. Во настанот биле оштетени три паркирани возила.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за продолжување на претходно определениот притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Внук осомничен за обид за убиство на сопствената баба
Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишник за кого постои основано сомнение дека се обидел да ја убие сопствената баба.
При вршење семејно насилство во домот во кој заеднички живееле на улицата „Лавчанска корија”, осомничениот се обидел да ја лиши од живот сопствената баба.
На 17 јануари, откако претходно ја блокирал и ја затворил влезната врата од куќата со фиока, со рацете ја удирал жената по главата и телото се додека не паднала во бессознание. Со ударите и нанел повеќе тешки телесни повреди, крварења и нагмечувања на мозокот, скршеници на ребрата и исчашувања на коски, со кои и е доведен во опасност животот на жртвата.
По настанот, осомничениот избегал, но за кратко време бил приведен. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоци или да изврши друго дело.
„Воедно искази на дел од сведоците укажуваат на неодамнешни промени во однесувањето и психичката состојба на осомничениот, од кои произлегува сомневање дека тој би можел да боледува од некаква душевна болест. Бидејќи со стручно мислење се предлага понатамошна опсервација на осомничениот, со цел да се изврши негова медицинска проценка и психијатриско вештачење, јавниот обвинител предложи судот со посебно решение, по определување на мерката притвор, да го испрати осомничениот на опсервација и вештачење во ЈЗУ Психијатриска болница Демир Хисар за период од најмалку 1 месец“, соопшти Обвинителството.
Црна хроника
Ограбени две финансиски друштва во Скопје во рок од еден час
Во раните утрински часови на 17 јануари 2026 година, во Скопје се случиле две кражби во објекти на финансиски друштва, при што биле одземени сефови со пари.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првата кражба била пријавена во 04:44 часот во скопската општина Гази Баба, каде што насилно било влезено во објект на финансиско друштво и одземени биле пари од сеф
Само околу 40 минути подоцна, во 05:20 часот, слична пријава била поднесена и од општина Центар. И во овој случај, насилно било влезено во објект на финансиско друштво, од каде бил однесен сеф со пари.
Од СВР Скопје соопштуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на двата случаи.
Засега нема информации за крадците, ниту за сумата што била одземена или евентуалната поврзаност на двата случаи.
Црна хроника
Битолчанец се сомничи за напад врз неговата 79-годишна баба, со тешки повреди пренесена во болница
Полицијата вчера го приведе Т.Р. (28) од Битола, во казино лоцирано на улицата „Партизанска“, поради сомнение дека физички ја нападнал својата 79-годишна баба во семејниот дом.
Според информациите од полицијата, при нападот на жената ѝ биле нанесени тешки телесни повреди. Таа со возило на Итната медицинска помош била пренесена во Клиничката болница во Битола, каде што ѝ била укажана лекарска помош.
Во координација со надлежен јавен обвинител, против Т.Р. ќе биде поднесена кривична пријава.

