Црна хроника
24 лица го оштетиле буџетот за над еден милион и 500 илјади денари
Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против С.Н.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 и против 23 други лица од повеќе градови од државата поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“ по член 261 од Кривичниот законик. Пријавениот С.Н. – соработник за финансиски прашања во Службата за општи и заеднички работи во Владата, во периодот од ноември 2021 година до април 2022 година, кој бил ангажиран за изработка на пресметките на плата на вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја злоупотребил својата службена положба на начин што при изработка на пресметките за плата на 23 –те лица, сите вработени како Шумски полициски службеници, во сите обрасци за плата, во графата „празнични часови“ внесувал поголем број на празнични работни часови, иако знаел и имал увид дека лицата немале воопшто или имале значително помал број празнични работни часови.
Останатите пријавени лица, иако знаеле дека паричните средства кои им биле незаконски исплаќани за работа на празник се прибавени со сторување на кривично дело, парите ги присвоиле за себе. Исто така, иако биле должни, до министерството не пријавиле поголем месечен прилив, ниту побарале вишокот прилив да биде вратен, односно да биде извршена корекција на примената месечна плата.
На тој начин, пријавениот С.Н. им овозможил на другите 23 лица да се стекнат со противправна имотна корист од околу 1.548.040 денари, за кој износ го оштетиле државниот буџет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Дете нападнато од врсници во Карпош, едниот снимал со телефон
Вчера во 18:30 часот во СВР Скопје, Ј.Ц.А. (45) од Скопје пријавила дека околу 14:45 часот на подрачјето на Карпош, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници кои ги познавале, информираат од МВР.
Според пријавата, едниот од напаѓачите го снимал настанот со мобилен телефон.
Од полицијата соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Приведен 15-годишен кумановец поради кражба на автомобил и приватни имоти
На 23 февруари 2026 година во 11:10 часот, полициски службеници од СВР Куманово лишиле од слобода 15-годишник од Куманово, информираат од МВР.
Според полицијата, тој одзел паркирано патничко моторно возило „форд ескорт“, сопственост на Р.Ј. (25) од Куманово. Дополнително, се сомничи дека влегол во два приватни имоти и одзел повеќе предмети.
Малолетникот бил приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација
Црна хроника
14-годишно дете возејќи автомобил во Дебреште удрило во бетонски столб, повреден е и неговиот малолетен сопатник
Синоќа во полицијата било пријавено дека во село Дебреште, општина Долнени, патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од 14-годишен малолетник од селото, удрило во бетонски столб, соопшти МВР.
Во несреќата, 14-годишен сопатник од Дебреште се здобил со тешки телесни повреди, додека возачот и 16-годишен сопатник се здобиле со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница Прилеп.
Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.

